Министерството за надворешни работи и надворешна трговија се соочи со нова криза откако на почетокот на месецов во зградата на оваа институција дојде до поплава. Вработените опишуваат сцени на протекување вода од покривот до подрумот, влажни ѕидови и поставени кофи по ходниците како единствен начин за справување со штетите, јавува Слободен печат.

Според нивните сведоштва, проблемот е предизвикан од настрешницата која се поставува на терасата на зградата. Градежните работи започнале уште во април, но биле прекинати веќе во мај, а дупките на терасата не биле правилно заштитени. Со првиот посилен дожд на почетокот на октомври, водата навлезе во просториите, предизвикувајќи поплава.
Вработените истакнуваат дека состојбата била толку сериозна што неколку службени состаноци биле откажани, бидејќи протекувањето било токму во собите предвидени за средби.
Од Министерството за надворешни работи за „Слободен печат“ потврдија дека ова не е првпат да се појави поплава во зградата и дека главната причина е долгогодишното и несоодветно одржување на објектот. Градежните активности кои моментално се изведуваат, според нив, имаат цел да го решат овој проблем и да спречат идни слични ситуации.
И покрај поплавата, од МНР тврдат дека штетата е ограничена на еден дел од зградата и дека институцијата функционира непречено. Сепак, вработените потврдија дека на денот на настанот добиле известување да не доаѓаат на работа, а за понатамошниот распоред биле дополнително информирани.
Во јавноста веќе кружат прашања за градежната фирма која ги изведува работите, како и за сумата на договорот, особено откако опозицискиот СДСМ побара итна истрага за склучениот договор за изградба на настрешница во вредност од речиси 550 илјади евра со компанијата „Пирамид билдинг солушнс“. Според опозицијата, оваа фирма има блиски врски со министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски и добила неколку тендери во неговиот мандат како градоначалник на Општина Аеродром.
Вработените, покрај поплавата и градежните проблеми, алармираат и за други сериозни недостатоци во Министерството, како што се лоша хигиена и недостаток на професионализам во работењето.