Во градот Лахор, на истокот од Пакистан, избувнаа судири помеѓу полицијата и илјадници демонстранти кои пешачеле кон главниот град Исламабад, на околу 400 километри, за да учествуваат на марш во поддршка на Палестина пред Амбасадата на САД.

Исламистичката партија Техрик-е-Лабаик Пакистан (TLP) соопшти дека во судирите загинале двајца нејзини приврзаници, а околу 50 лица се повредени.
Властите во Пакистан ја исклучија мобилната интернет-врска во Исламабад за да спречат пристигнување на демонстранти, а со контејнери ги блокираа патиштата кон амбасадата.
Судирите започнале вчера, но денес се влошиле откако полицијата употребила палки и сузавец за да ги растера демонстрантите, кои возвратиле со фрлање камења.
Насилството предизвика големи нарушувања во Лахор, каде властите одлучија да ги затворат училиштата и факултетите заради безбедност.