Албанскиот премиер, Еди Рама, на отворањето на Инвестицискиот форум ЕУ-Западен Балкан, што денеска и утре се одржува во Тирана, изјави дека „Западен Балкан не е проблем што треба да се реши, туку решение што чека да се интегрира“, апелирајќи „да го претвориме Западен Балкан во брза лента за трансформација на Европа“.

„Ова е пораката на новиот хоризонт, дека следното поглавје од конкурентноста на Европа не треба да се пишува само во Брисел или во други европски престолнини, туку и во Подгорица, Тирана, Белград, Скопје, Приштина и Сараево заедно. Не е потребна многу наука, но потребна е храброст за да се разбере дека Западен Балкан може да стане регулаторен тампон на Европа, нејзина лабораторија на отпор во просторот за градење на иднината“, рече меѓу другото Рама.
Според него Европските вредносни синџири можат да се прошират, диверзифицираат и да станат посилни, бидејќи, како што рече, да кажеме отворено „Европа нема луксуз да зависи од она што не може да го контролира, а ние на Балканот немаме луксуз секогаш да бидеме нарекувани потенцијални во најдобар случај“, нагласувајќи дека „порад тоа овој агол од Европа мора да стане брза лента за трансформација на Европа“.
Премиерот нагласи дека „не бараме милостина или подароци од европските партнери, туку бараме само визија“.
„Истата визија што некогаш обедини нации како Полска, Чешка, Словачка, Унгарија во ЕУ, отворајќи нов хоризонт што создаде извонреден раст за нив и донесе дивиденди на ЕУ што не ги виде со децении. Ајде заедно да исцртаме мапа на патот каде што нашите стимулации ги исполнуваат вашите приоритети, нашите реформи одговараат на вашите потреби, а нашите амбиции се совпаѓаат со европското ниво“, рече Рама.
Цитирајќи го Алберт Камен, Рама нагласи дека „вистинската великодушност кон иднината е да се даде сè на сегашноста“ и повика „овој нов хоризонт да се отвори не само со декларации, туку и со дела“.
-„Да докажеме дека сè уште има простор Европа да стане помудра, да расте побрзо, да стане послободна. Да работиме заедно не само за Европа што ја наследивме или за која сонувавме, туку и за Европа што сè уште можеме да ја замислиме заедно, посочи Рама“, објави агецијата АТА.
Според истиот извор, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во обраќањето на форумот се фокусирала на индустриските вредносни синџири,оценувајќи дека „од витално значење е да се изградат повеќе синџири на снабдување и оваа работа мора да започне во Европа“.
„Последните години покажаа дека ниедна индустрија не треба да се потпира на еден снабдувач за критични влезни материјали и сите ние треба да ги избегнуваме тие пречки, тие тесни грла. Затоа е од витално значење да се изградат повеќе синџири на снабдување и каде што е можно, оваа работа мора да започне тука во Европа. Многу од проектите што ги дискутирате на овој форум можат да ги пополнат овие празнини во индустриските синџири на снабдување во Европа“, рече фон дер Лајен.
Ќе започнеме со приоритетните сектори, каде што ќе мора да ги почувствувате придобивките од членството во нашата Европска Унија, дури и пред да станете членка, изјави таа, додавајќи дека „од сите сектори, мојот аргумент е ист: инвестирањето во Западен Балкан значи инвестирање во иден континентален пазар од 500 милиони луѓе“.
Фон дер Лајен го заврши својот говор нагласувајќи дека траекторијата на регионот е јасна: иднината на Западен Балкан е во рамките на ЕУ.