Шефот на германската разузнавачка служба БНД, Мартин Јегер, денеска предупреди дека Русија нема да се двоуми да изврши воен напад врз која било земја-членка на НАТО.

„Русија е подготвена во секој момент да ги тестира границите на Европа и да ги ескалира моменталните тензии во отворен конфликт“, им рече шефот на германската разузнавачка служба Мартин Јегер на германските пратеници.
„Не можеме едноставно да чекаме и да претпоставуваме дека потенцијален руски напад нема да се случи пред 2029 година. Денес веќе сме под оган“, изјави Јегер.
Неговите коментари се одраз на предупредувањата од западните претставници за ескалацијата на хибридните операции на Москва низ Европа, вклучувајќи упади со беспилотни летала, саботажи и сајбер напади.
„Целта на Русија е да ја заплаши Европа до точка на парализа и предавање“, рече тој на парламентарното сослушување на водечките претставници на германскиот разузнавачки сектор, пренесуваат британските медиуми.
Јегер нагласи дека никој не треба да се потпира на проценките дека Русија ќе биде подготвена за напад врз НАТО до 2029 година, бидејќи, како што изјави, „таков напад може да се случи дури и порано“.