ОЈО Струга отвори предмет за уривањето на спомен-куќата на Владо Малески

Малески

Основното јавно обвинителство во Струга отвори предмет по повод уривањето на спомен-куќата на Владо Малески, познат македонски писател и автор на текстот на државната химна „Денес над Македонија раѓа се ново сонце“.

Според информациите од Обвинителството, при изведување градежни работи на индивидуален објект во старото градско јадро на Струга, лице од селото Велешта срушило дел од куќата, која е заштитена како културно наследство. Уривањето опфатило јужен ѕид и дел од кровната конструкција на објектот.

На 16 октомври јавен обвинител извршил увид на лице место, во присуство на вешто лице од областа на градежништвото. Наредено е вештачење, а во тек се и други дејствија со цел да се испитаат сите околности под кои дошло до уривањето, соопштија од ОЈО Струга.

Министерот за култура најави дека ќе се изработи проект за обнова и реставрација на спомен-куќата, со што ќе се зачува автентичниот изглед и историскиот дух на домот на Малески — човекот кој со своето творештво остави длабок белег во македонската книжевност и култура.

Со овој случај повторно се отвора прашањето за заштитата и одговорноста кон културното наследство, особено кога станува збор за објекти што имаат големо историско и национално значење.

Зачлени се на нашиот е-билтен