Високата претставничка на ЕУ за надворешна политика, Каја Калас, ја коментираше средбата меѓу претседателите на САД и Русија, Доналд Трамп и Владимир Путин, која се очекува да се одржи во Будимпешта. Таа истакна дека би било пожелно украинскиот претседател Володимир Зеленски директно да разговара со Путин за решавање на конфликтот.
„Би сакала претседателот Зеленски да се сретне со Путин, бидејќи тие всушност треба да се договорат. Ако САД имаат доволно моќ да го притиснат Путин за преговори, тогаш тоа е добро“, изјави Калас.
На прашањето дали присуството на лице за кое Интернационалниот кривичен суд издал налог за апсење претставува „шамар во лице“ за Европа, Калас одговори: „Што се однесува до Будимпешта, тоа не е добро. Да се види лице барано од ICC како доаѓа во европска земја е неприфатливо“.
Таа додаде дека останува да се види какви резултати ќе произлезат од средбата и потенцираше дека Русија треба да преговара само под притисок, а очекува и Трамп да ја искористи својата позиција за тоа.