Со тивок раскош и најави за изненадувања, Калиопи најави три акустични концерти во Македонската филхармонија – на 14 ноември, 6 и 7 декември – замислени како интимно патување во нејзиниот репертоар, со бенд и гудачки квартет, а деловите ќе бидат збогатени и со дувачка секција. „Подгответе си туце марамчиња. Сигурна сум дека ќе се расплачете, но не од тага, туку од среќа“, рече таа на прес-конференцијата во Скопје.
Првиот термин, 14 ноември, веќе е распродаден, а за преостанатите два интересот е „близу до распродадено“. Продукцијата разгледува и четврта вечер, доколку се ослободи термин во декември. „Ова ќе биде поинакво акустично доживување, со нови аранжмани и емотивен лак низ песните“, најави Калиопи, додавајќи дека репертоарот намерно го чува како изненадување.
Покрај концертите, пејачката откри дека на 30 октомври во Белград ќе промовира нова песна, а до крајот на годината уште една. Во 2027 е најавен и нов албум во соработка со нејзиниот долгогодишен продуцент Ромео Грил. „Секогаш тргнувам од публиката – од енергијата што ја разменуваме, било да сме во камерна сала или на стадион“, рече таа.
Најавата доаѓа по минатогодишниот голем концерт во „Борис Трајковски“, а изборот на Филхармонијата, велат органзаторите, е диктиран од акустиката и од идејата за блиска комуникација со аудиториумот. „Ако потврдат термин, ќе има и четврти концерт“, најавија од „Прагма“.
