Цените на нафтата стабилни на 66 долари по барел

Цените на нафтата денес се стабилизираа на меѓународните пазари над нивото од 66 долари за барел, додека инвеститорите се обидуваат да ги проценат последиците од американските санкции кон руските енергетски гиганти и прогнозите за слабеење на побарувачката.

На лондонскиот пазар, цената на барелот по пладне беше повисока за 37 центи во однос на затворањето на трговијата на крајот од минатата недела и изнесуваше 66,37 долари. На американскиот пазар, барелот се тргуваше по цена повисока за 48 центи – 61,98 долари.

Трговскиот конфликт меѓу Кина и САД

Пазарите на почетокот на неделата беа охрабрени од сигналите за напредок во трговските преговори меѓу САД и Кина. Американскиот и кинескиот претставник постигнале „важна рамка“ за трговски договор, со кој би се избегнала заканата од 100-процентни американски царини на кинеската стока и би се одложило активирањето на кинескиот механизам за контрола на извозот на ретки минерали, изјави американскиот министер за финансии, Скот Бесент.

Според аналитичарите, продолжувањето на трговскиот судир меѓу двете најголеми светски економии би можело да ја забави економската активност и да ја намали побарувачката за енергенси.

Санкциите кон руските компании

Иако одлуката на Вашингтон за санкции против руските нафтени гиганти „Росњефт“ и „Лукоил“ предизвика краткотраен пораст на цените, проценките за намалена глобална побарувачка го спречија поголемиот раст. Двете компании заедно учествуваат со околу пет проценти во светското производство на нафта.

Русија во последните години успеа делумно да ги заобиколи западните финансиски системи и да најде алтернативи за транспортни и осигурителни услуги, но компаниите што соработуваат со „Росњефт“ и „Лукоил“ се изложени на ризик од секундарни американски санкции – особено оние во Кина и Индија, кои се меѓу најголемите купувачи на руска нафта.

„Руската нафта и натаму тешко стигнува до пазарите, но клучен ќе биде механизмот на спроведување на санкциите,“ изјави аналитичарот Јанив Шах од компанијата Rystad Energy.

Изгледи за 2026 година

Меѓународната агенција за енергија (IEA) проценува дека во 2026 година, поради големата понуда и ослабената побарувачка, пазарот би можел да се соочи со вишок од четири милиони барели дневно. Според нивните пресметки, побарувачката би можела да порасне само за 700.000 барели дневно.

Од друга страна, Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) предвидува посилен раст на побарувачката – за 1,4 милиони барели дневно, што би значело помал вишок.

Американските податоци покажуваат и зголемена потрошувачка во претходните недели, со пад на залихите на сурова нафта за еден милион барели, на бензин за 2,1 милиони барели и на дизел за 1,5 милиони барели. Според ОПЕК, просечната цена на нафтата од нивната кошница во петокот изнесувала 68,33 долари по барел.

Зачлени се на нашиот е-билтен