Не ги фрлајте старите телефони – може да вредат илјадници евра! Еве кои модели се најбарани

Доколку во некоја фиока или на таван чувате стар Nokia, BlackBerry или прв iPhone, можеби седите на вистинско богатство. Според британскиот сајт Gumtree, колекционерите ширум светот се подготвени да платат стотици, па дури и илјадници евра за ретки модели на мобилни телефони и конзоли од 1990-тите и 2000-тите.

Примерите се импресивни: оригинален Apple iPhone од 2007 година може да достигне цена до 10.000 фунти (околу 11.500 евра), додека луксузниот Vertu Signature се продава за слична сума. Дури и ретки BlackBerry модели, како Porsche Design од 2011 година, денес се вреднуваат меѓу 250 и 1.700 евра.

Според Бен Вуд, основач на Музејот на мобилни телефони, интересот за стара технологија не е практичен, туку емотивен и колекционерски. „Повеќето стари телефони веќе не работат, бидејќи старите мрежи се укинати. Но луѓето ги купуваат од носталгија и со надеж дека нивната вредност ќе расте“, вели Вуд за Daily Mail.

Најлесен начин да дознаете колку вреди вашиот стар телефон е да го проверите на eBay. Иако повеќето модели вредат помалку од 50 евра, ретките и добро сочувани примероци можат да бидат вистинска инвестиција.

И не станува збор само за телефони. Играчките конзоли како PlayStation 1 и 2 или оригиналниот Xbox исто така се барани – нивната цена варира од 45 до 100 фунти, а комплетните сетови со игри можат да достигнат и повеќе.

Според експертите, овој тренд покажува дека „старата технологија станува ново злато“, а продажбата на вакви уреди не само што може да донесе дополнителна заработка, туку и да помогне во намалување на електронскиот отпад.

Пред да фрлите стар телефон, проверете ја неговата вредност. Можеби токму вашиот стар „кирпич“ е реткост што некој колекционер ја бара со години.

Зачлени се на нашиот е-билтен