Косово пред нови избори: Курти призна дека политичката криза нема друго решение

Политичката сцена во Косово повторно влегува во турбуленции. Вршителот на должност премиер Албин Курти денеска потврди дека нови парламентарни избори се неизбежни, откако неговата предложена влада не доби доволна поддршка во Собранието.

На вчерашното гласање, владата на Курти доби 56 гласа од потребните 61, што ја отвори вратата за нови избори и ја продлабочи политичката неизвесност во земјата.

„Пред кој било договор што ја искривува волјата на граѓаните, ние избираме избори. Тоа не беше наша желба, но нема друг пат,“ изјави Курти на прес-конференција во Приштина.

Тој појасни дека Демократскиот сојуз на Косово (ДСК) и Социјалдемократската иницијатива (НИСМА) одбиле да учествуваат во неговата влада, што ја направило неможна потребната парламентарна мнозина.

„Ако тие ја прифатеа понудата за коалиција, ќе имавме доволен број пратеници и ќе можевме да го решиме и изборот на претседател во наредните месеци,“ додаде Курти, нагласувајќи дека неприфатливо е ДСК да биде во влада заедно со Демократската партија на Косово (ДПК).

Во меѓувреме, Курти ги отфрли тврдењата дека Косово би можело да остане без буџет за 2026 година, уверувајќи дека врз основа на Законот за влада тој може да предложи нов буџет пред распуштањето на Собранието.

Со најновиот развој, политичката криза на Косово се продлабочува, а до март наредната година Собранието мора да избере нов претседател, што дополнително ќе ја тестира стабилноста на институциите.

Зачлени се на нашиот е-билтен