Албанија се соочува со нагло ширење на австралискиот грип, кој веќе предизвика околу 12.000 нови случаи неделно, предупредуваат од Институтот за јавно здравје.
Според епидемиологот Артан Симаку, грипот годинава пристигнал порано од очекуваното, а симптомите кај пациентите се изразени — висока температура, кашлица, бронхитис и воспаление на средното уво (отитис).
„Оваа година вирусот пристигна порано, како што се случува и во соседните земји како Италија. Во Европа сега циркулираат подтиповите AH1N1 и AH3N2, познати како австралиски грип,“ изјави Симаку за албанските медиуми.
Здравствените власти истакнуваат дека вакцини се достапни и делуваат против двата вирусни соја, па затоа вакцинацијата останува најдобрата заштита, особено за децата, постарите лица и хроничните болни.
„Грипот, ковид-19 и другите респираторни вируси значително ја влошуваат состојбата кај најмладите, особено кај децата до пет години, па затоа потребна е навремена реакција и засилена грижа,“ додаде Симаку.
Албанските болници и здравствени центри во Тирана и другите градови веќе бележат голем пораст на пациенти со респираторни инфекции, а лекарите предупредуваат дека вирусот може дополнително да се прошири во ноември и декември, кога температурите ќе паднат.
Властите апелираат до граѓаните да се вакцинираат, да избегнуваат самостојно лекување и да се јават на лекар при појава на симптоми, за да се спречат компликации и натамошно ширење на заразата.
