Тетовецот Касами: „Мојата изјава за Кичево беше погрешно протолкувана“

Три, четири дена по изјавата на коалицискиот партнер, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, дека е длабоко разочаран од изјавите на Билал Касами во кои тој бара и нуди поддршката од Албанците и за Албанците, денеска вели дека неговата изјава била погрешно протолкувана.

„Изјавата, во моментот кога беше дадена, беше во контекст на тоа што нашите политички опоненти во овие избори се обидоа максимално да ја отворат етничката карта. Целата таа изјава, би рекол, беше искрена, но политички беше погрешно протолкувана. Треба да се има предвид контекстот и медиумот во кој беше дадена изјавата, како и околностите во кои потоа беше пренесена. Со тоа целосно се извади од нејзината првична идеја “, рече Касами.

Изјавата на Касами доаѓа по средбата со Мицкоски кој пак, тврдеше дека „крвареле“ за подршката на Изет Меџити и Билал Касами.

„Понекогаш кога ги реализираме стратешките цели крваревме како ВМРО-ДПМНЕ. И поднесовме жртва. Не беше лесно. Многу ми беше тешко кога ги гледав нашите сопартијци од Тетово, Гостивар, Струга, Чаир и Дебар. И за тоа плативме цена. За тоа има жртва“, рече Мицкоски.

Инаку денеска градоначалникот на Тетово, Билал Касами, во пресрет на вториот изборен круг, истакна дека за време на неговиот мандат работел за сите граѓани на Тетово, без оглед на нивната етничка припадност.

„Јас сум градоначалник на сите граѓани на Тетово. Ја побарав довербата од Албанците, Македонците, Турците, Ромите и на сите мои сограѓани и работев за доброто на секој од нив“, изјави Касами.

Тој нагласи дека Тетово, како град со космополитски карактер, е место каде секој успех и придобивка реализирани во изминатите четири години им припаѓаат и им се радуваат сите граѓани, без разлика.

Зачлени се на нашиот е-билтен