Кит потопи јахта во Пацификот, четири лица спасени по 18 часа

Screenshot X

Еден силен удар бил доволен тримесечната пловидба по Пацификот да се претвори во борба за преживување. Четири членови на екипажот на 16-метарската јахта „Tai Tam“ останале сред јужниот Пацифик откако нивното пловило се судрило со кит, почнало брзо да прима вода и на крај потонало. Спасот стигнал дури следното утро, приближно 18 часа по несреќата.

Несреќата се случила на околу 250 наутички милји северно од островот Норфолк. Австралијката Џема Купер била на кормилото кога одеднаш почувствувала силен удар што ја отфрлил од нејзиното место. Кога екипажот погледнал кон левата страна на јахтата, забележал група од шест до осум кашалоти во водата.

Штетата била сериозна уште од првите минути. Управувачкиот систем на десната страна бил уништен, трупот од фиберглас бил напукнат на повеќе места, а морската вода почнала да навлегува во јахтата. Французинот Мартин Жафр се обидувал да ги затвори оштетувањата со материјали што ги имале на бродот, па дури и влегол во водата за однадвор да го провери трупот.

Екипажот не ја напуштил јахтата веднаш. Со часови рачно ја исфрлале водата и се обидувале да го одржат моторот во функција, надевајќи се дека ќе успеат да го задржат бродот на површината доволно долго за да пристигне помош.

Околу половина час по судирот, во 13 часот по новозеландско време, тие го активирале EPIRB-сигналот за итни случаи и испратиле Mayday. Токму раното активирање на радиофарот подоцна беше издвоено од спасувачките служби како една од клучните причини зошто целата екипа била пронајдена навреме.

Кралските воздухопловни сили на Нов Зеланд испратиле патролен авион P-8A Poseidon, кој ја лоцирал јахтата и воспоставил радиоврска со екипажот. Паралелно, центарот за координација на спасувањето пренасочил бродови што се наоѓале во поширокиот регион.

Како што се спуштала ноќта, станало јасно дека „Tai Tam“ нема да остане на површината.

Четворицата се префрлиле во спасувачки сплав. Во текот на ноќта останале врзани за јахтата, но кога таа почнала конечно да тоне, го пресекле јажето од страв дека пловилото може да го повлече и сплавот кон дното. Неколку моменти подоцна гледале како нивната јахта исчезнува во Пацификот.

Дури околу шест часот следното утро до нив стигнал 143-метарскиот товарен брод „MV Sofrana Surville“. Екипажот бил извлечен од малиот спасувачки сплав и качен на товарниот брод. Сите четири лица биле спасени без сериозни повреди.

На „Tai Tam“ пловеле Австралијците Џема и Џереми Купер, Новозеланѓанецот Тери Хетерингтон и Французинот Мартин Жафр. Нивното патување низ Пацификот требало да биде повеќемесечна авантура, но завршило со губење на јахтата и ноќ помината во мал сплав стотици километри од најблиското копно.

Новозеландските спасувачки служби нагласија дека екипажот бил добро подготвен за ваква вонредна ситуација. Функционалниот радиофар, навременото испраќање сигнал за помош и спасувачката опрема им овозможиле на службите брзо да ја утврдат нивната позиција во огромниот простор на јужниот Пацифик.

Иако повеќе медиуми настанот го опишаа како „напад“ на кашалоти, достапните официјални информации не покажуваат дека животните намерно ја нападнале јахтата. Новозеландските власти случајот го водат како судир со кит, додека екипажот потврдува дека непосредно по ударот видел група кашалоти покрај пловилото.

Јахтата не можеле да ја спасат. Но 18 часа по ударот, сите што биле на неа стигнале живи на палубата на товарниот брод.

Рацин.мк ве прашува:

Дали имате доверба во квалитетот на храната што се продава во Македонија?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали имате доверба во квалитетот на храната што се продава во Македонија?