По повеќенеделна негрижа и наталожен отпад, синоќа во Скопје и Чаир започна големата акција за чистење на јавните површини во главниот град, во која учествуваат екипи од повеќе јавни претпријатија и компании со општествена одговорност.
Акцијата опфаќа расчистување на улиците, контејнерите, шеталиштата и дивите депонии што се создадоа во изминатиот период. Работните екипи од ЈП „Комунална хигиена“, „Паркови и зеленило“ и други градски служби се распоредени низ повеќе општини, со фокус на Чаир и централните делови на градот.
Целта е постепено воспоставување ред и уредување на јавните површини, со што се обезбедуваат подобри услови за живот на граѓаните. Според надлежните, активностите ќе продолжат и во наредните денови, сè додека не се исчистат сите критични локации.
Акцијата се спроведува во координација со локалната самоуправа и државните служби, како дел од поширок план за подобрување на хигиената и урбаниот изглед на главниот град.

