Од Зелениково до Скопје за 25 минути со новиот „Градски воз“

Патувањето од Зелениково до центарот на Скопје ќе трае само 25 минути благодарение на проектот „Градски воз“, кој предвидува ремонт на железничката пруга од 24,5 километри, изградба на седум нови станици, како и електрификација на линијата.

Со новата инфраструктура ќе се овозможи побрз, поеколошки и поефикасен транспорт, а дизел-возовите повеќе нема да влегуваат во Скопје, што ќе придонесе за намалување на загадувањето на воздухот.

Покрај патничкиот сообраќај, во тек е и ремонт на делницата Драчево–Илинден (7,7 km), која ќе биде наменета за товарен превоз. Вредноста на проектите изнесува 5,7 милиони евра за делницата Зелениково–Скопје и 3 милиони евра за товарната линија, а завршувањето се очекува во рок од шест месеци.

Градот Скопје ќе обезбеди логистичка поддршка преку поврзување на новите железнички станици со јавниот превоз, со цел полесен пристап и пократко време на чекање за граѓаните.

Проектот има и еколошка компонента, бидејќи целта е да се намали бројот на автомобили во градот и да се поттикне користење на јавен транспорт.

Во следните фази, до 2027 година, се предвидува изградба на уште две линии:

  • Волково – Центар,
  • Миладиновци – Илинден – Скопје

со што ќе се создаде целосна градска железничка мрежа која ќе го олесни секојдневното движење на жителите на Скопје и околината.

Зачлени се на нашиот е-билтен