Јавното обвинителство во Милано отвори истрага по наводите дека италијански државјани патувале во Босна и Херцеговина за време на војната во 1990-тите години на таканаречени „снајперскo сафари“, при што плаќале големи суми за да пукаат врз цивили во опколениот град Сараево.
Според пријавата поднесена од италијански новинар и писател, во овој брутален чин учествувале „многу богати лица со страст кон оружјето“, кои плаќале за да убиваат беспомошни цивили од позиции под контрола на српските сили околу градот. Некои извештаи наведуваат дека цените се разликувале зависно од тоа дали целите биле мажи, жени или деца.
Сараево беше под опсада повеќе од три години, при што загинаа над 11.000 цивили. Градот беше постојано под артилериски оган и снајперски напади.
Според објавените информации, доказите собрани од новинарот – меѓу кои се и сведочења на офицер од босанската воена разузнавачка служба – сега ги разгледува обвинител од Милано задолжен за случаи поврзани со тероризам. Истражителите го третираат случајот како убиство.
Босанскиот офицер наводно изјавил дека неговите колеги дознале за ваквите „сафари“ кон крајот на 1993 година, а информацијата ја проследиле до италијанската воена разузнавачка служба во почетокот на 1994 година. По неколку месеци добиле одговор дека активноста била прекината и дека „нема повеќе сафари“.
Според италијанските медиуми, туристите заминувале од Трст со авион, а потоа продолжувале кон ридовите над Сараево, каде учествувале во пукање врз цивили, по што се враќале во своите домови.
Наводите за странски „ловци на луѓе“ се појавувале и порано, но ова е првпат италијанските власти официјално да започнат истрага врз основа на нови материјали. Според пријавата, во оваа практика учествувале лица од неколку земји, вклучувајќи ги САД, Русија и Италија, а некои плаќале и до 100.000 евра за учество.
Истражителите во Милано идентификуваат сведоци со цел да утврдат кој можел да биде вмешан во случајот.

