Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски со објава преку Фејсбук соопшти дека денеска ја потпишал одлуката за јавна набавка за изградба на првата фаза од првата подземна сообраќајница во Скопје – булевар „Македонија“, на потегот од под „Лимак“ до влезот на Кисела Вода.
Ако под неговите изјави го потпишеме името на Петре Шилегов, градоначалникот на Скопје од 2017 до 2021, кога на 6 октомври 2021 година Лимак го проби тунелот под деловно-станбениот комплекс „Дајмонд“, нема со ништо да згрешиме. Тој ден Шилегов, откако направи увид во пробиениот тунел под „Дајмонд“, соопшти дека е готов изведбениот проект за првата позначајна подземна сообраќајница во Скопје, која, заедно со трите кружни текови на Мито Хаџи-Василев Јасмин, Водњанска и Бихаќка, во огрома мерка ќе го релаксира сообраќајниот тек во овој дел на Скопје, познат по исклучителни сообраќајни гужви во текот на целиот ден.

Кога ја напушти функцијата Шилегов, соопшти дека остава и готов изведбен проект за кој само треба да се распише јавна набавка за изградба. За да бидеме докрај објективни, оваа идеја, да се пробие тунел под „Дајмонд“ и да се регулира влезот во овој дел на градот со дополнителни кружни текови, се роди уште во времето на Коце Трајановски, но тогаш остана само на идеја.
Зошто неговата наследничка Данела Арсовска не го реализираше овој грандиозен проект за Скопје, само таа знае, но ако ги паметиме опструкциите што ги имаше таа од страна на ВМРО-ДПМНЕ за време на целиот мандат, нештата стануваат појасни.
Оттаму, повторно ја гледаме истата шема кај новиот скопски градоначалник што ја започнаа министрите во Владата на Мицкоски кои проектите што ги започнаа или иницираа нивните претходници ги прогласија и ги прогласуваат за сопствени достигнувања.
Наместо да се повикаат на континуитет и на проектите што се прават за граѓаните, од даноците на граѓаните и од нивните укажувања за тие проекти, Орце Ѓоргиевски, го прогласува и овој проект, подземниот булевар и тунел Македонија, како своја заслуга.
А еве како изгледа и што предвидува целиот проект булевар и тунел Македонија, онака како што го промовираше Шилегов и што беше целосно проектиран до изведбена фаза во 2021 година.
Целиот мастерплан се содржи од повеќе целини:
Коридор кој се прави со изградбата на тунелите под Лимак, овозможува граѓаните кои патуваат од Карпош и Ѓорче Петров да стигнат до Кисела вода или Аеродром, без поминување преку строгиот центар на градот. Со ова практично отвораме нова артерија која ќе го растерети центарот. Целото решение за овој дел вклучува изградба на голем кружен тек на раскрсницата кај Нова Македонија.

Следниот голем зафат е пристап до тунелот под Дајмонд од улицата Теодосиј Гологанов и поврзување со другата артерија од другата страна на градот со изградба на мостот на булевар „АСНОМ“ кое е во завршна фаза. Со ова решение, граѓаните на Аеродром и сите кои доаѓаат од таму, ќе можат директно и без поминување во строгиот центар да патуваат до Карпош.

Тунелот под Дајмонд излегува кадае што се сретнуваат улицат Бихаќка со булевар Кочо Рацин и улица Антон Панов каде што е предвидено посточкиот мост што води кон „Огнен Прица“ и Кисела Вода да се „сврти“ од постоечкиот правец север-југ во насока исток-запад и којшто во комбинација со кружниот тек таму, исто така ќе го намали сообраќајниот притисок.
Планот беше сите овие проекти да бидат готови до 2024 година и со тоа да се реши еден сериозен дел градот во поглед на сообраќајот, покрај кој се предвидени и големи површини зеленило и печашки зони.
Сега само останува скопјани да го видат крајот на овој значаен проект зашто тој им припаѓа ним.
Во продoлжение и видеото од 2021 година коешто го симулира целиот проект.

