Муцунски не знае или не е информиран, учебниците за V i VI одделение биле доставени на бугарската страна

Муцунски

Вчера во Собранието на Северна Македонија, министерот за надворешни работи и меѓународна трговија Тимчо Муцунски, на пратеничко прашање изјави дека не ги пратиле новите учебници по историја за V и VI одделение во Бугарија.

На прашањето на пратеникот на левица Реџеп Исмаил „по кој основ се испратени на цензура учебниците за петто и шесто одделение во Бугарија?“, Муцунски го оквалификува прашањето како „дезинформација и лажна вест“ и одговори.

„Ништо не е пуштено во Софија на амин. Тоа е дезинформација, лажна вест. Нашите државни институции не пуштиле ништо, ниту учебник, ниту докумет во Софија на т.н амин. Не се случило такво нешто“

Но ова тврдење е прилично проблематично од аспект на фактите. Само пред две недели, односно на 7 ноември од нашиот состав на мешвовитата македонско-бугарска комисија за историски и образовни прашања беше испорачано соопштение во кое се вели:

„За време на средбата од македонска страна беа доставени новите учебници за Историја и општество за V и VI одделение. Со оглед на новата реалност на средбата се разговараше околу идниот пристап и методологија во однос на дискусиите околу учебниците. Дискусијата по оваа тема ќе продолжи на следната средба – соопшти македонскиот тим во Комисијата“.

Оттаму се поставува прашање дали министерот не знае или не ја зборува вистината? Ако не знае, тогаш очигледно има проблеми во комуникацијата и реферирањето на одговорните во македонскиот дел на комисијата со министерот, односно со Министерството за надворешни работи, како основач на комисијата и во чија надлежност е работата на ова ад-хок тело.

Зачлени се на нашиот е-билтен