Литванија утре повторно ќе отвори два гранични премина со Белорусија кои беа затворени поради инцидентите со балони полни со шверцувани цигари што влегуваа во земјата. Ова денес го соопшти литванскиот министер за внатрешни работи Владислав Кондратович, наведувајќи дека ограничувањата „веќе не се неопходни за гарантирање на внатрешната безбедност“.
Премините Салчининкај–Бењаќони и Медининкај–Камени беа затворени на 30 октомври на период од еден месец, откако десетици балони со шверцувана стока од Белорусија претставија ризик за воздушниот сообраќај и доведоа до привремено затворање на аеродромите во Вилнус и Каунас. Илјадници патници беа погодени од овие прекини, а литванската влада и Европската унија ги оценија инцидентите како „хибриден напад“.
Затворањето на премините ги влоши и онака затегнатите односи меѓу Литванија и Белорусија, која е близок сојузник на Русија. По блокадата, Минск заплени околу 2.000 литвански камиони што останале заглавени на белоруска територија.
Потпретседателот на литванското здружение на превозници „Линава“, Олег Тарасов, за AFP изјави дека по затворањето на границата во Белорусија останала замрзната имотна вредност од околу 60 милиони евра.
Литванските власти во меѓувреме забележаа значително намалување на бројот на балони кои се користат за шверцување, што било еден од условите за повторно отворање на премините. Одлуката уследи откако и Полска во понеделник ги отвори два свои гранични премина со Белорусија, по што литвански и белоруски претставници одржаа разговори за проблемите со шверцот, заглавените камиони и миграцијата.

