Шефот на Airbus: Европа мора итно да развие тактичко нуклеарно оружје поради заканата од Русија

Европските држави треба сериозно да разгледаат развој на заедничко тактичко нуклеарно оружје како одговор на растечкиот руски арсенал, порача директорот на Airbus, Рене Оберман, на Берлинската безбедносна конференција, пренесува Politico. Со оваа изјава, Оберман ја отвори една од најчувствителните теми во европската безбедносна политика.

Тој предупреди дека моменталниот одбранбен капацитет на Европа остава „опасна празнина“ во ситуација кога Русија, според него, веќе распореди повеќе од 500 тактички нуклеарни боеви глави долж источниот фронт на НАТО и во Белорусија.

„Што би бил нашиот одговор на ограничен руски тактички удар? Јас не го знам, но сигурен сум дека вие имате некоја претстава,“ им се обрати Оберман на присутните во сала со високи воени, политички и индустриски гости.

Тактичкото нуклеарно оружје, со експлозивна моќ од 1 до 50 килотони, е наменето за употреба на бојно поле, за разлика од стратешкото оружје кое има моќ над 100 килотони и може да уништи цели градови.

Оберман предложи Германија, Франција, Обединетото Кралство и други подготвени европски држави да покренат „заеднички и постепен нуклеарен програм за одвраќање“, кој за првпат би опфатил и тактичка нуклеарна компонента. Европа засега нема заедничка доктрина за одговор на ограничен нуклеарен напад.

Франција располага со околу 290 боеви глави, Обединетото Кралство со околу 225, но ниту една не е категоризирана како тактичка. Германија не поседува нуклеарно оружје, но е дел од НАТО-овата мисија за нуклеарно споделување. Русија, пак, има најголем нуклеарен арсенал во светот – околу 5.580 боеви глави.

Оберман предупреди дека игнорирањето на руските тактички капацитети може да доведе до погрешни процени. Вистински европски одврачачки одговор, нагласи тој, би испратил силен сигнал до Москва.

Неговата изјава доаѓа во момент на зголемена загриженост во Европа – од прашањата околу доверливоста на американската безбедносна поддршка, до предупредувањето на германскиот министер за одбрана Борис Писториус дека Русија би можела да нападне НАТО земја до 2028 година. Полска веќе изрази подготвеност да учествува во проширен програм за нуклеарно споделување.

Зачлени се на нашиот е-билтен