MAN планира да укине 2.300 работни места во Германија во наредната деценија

Производителот на камиони и автобуси MAN денес објави дека во следните десет години ќе укине околу 2.300 работни места во Германија. Како што соопшти компанијата, станува збор за постепено намалување – без отпуштања – при што местата ќе се гасат природно, со заминување на работниците во пензија.

Најголемиот удар во Минхен

Најмногу позиции ќе бидат укинати во главниот погон во Минхен – околу 1.300. Производствените капацитети во Салцгитер и Нирнберг ќе изгубат 600, односно 400 работни места.

Од компанијата наведуваат дека MAN мора да се приспособи на „континуирано слабиот пазар на камиони во Германија“, како и на високите трошоци за електрична енергија, скапата работна сила и силниот притисок од азиската конкуренција.

„Влегуваме во фаза на големи инвестиции и мора да бидеме профитабилни на долг рок за да го прошириме производствениот портфолио,“ соопшти портпаролот.

Синдикатот предупредува: производството се сели во Полска

Синдикатот IG Metall предупредува дека германските погони ќе ја почувствуваат цената на пренасочувањето на производството кон новата фабрика во Полска, која функционира под капата на матичната Traton Група.

Според синдикалната претставничка Зибиле Ванкел, овој план ја доведува во прашање долгорочната иднина на минхенскиот погон.

„Никој денес нема да остане без работа, но долгорочно ова значи дека MAN камионите ќе се произведуваат во Полска, а не во Минхен,“ рече Ванкел.

Таа додава дека, доколку сите делови се произведуваат во Полска и се носат во Минхен само за финална монтажа, неизбежно ќе се постави прашањето за целосно затворање на монтажниот погон.

Работничкото претставништво: „Подготвени сме на ескалација“

Карина Шнур од работничкиот совет истакна дека е „шокирана“ од постапките на управата.

„Ни во еден момент менаџментот не покажа подготвеност сериозно да разговара за алтернативи,“ рече таа, оценувајќи дека плановите претставуваат „шлаканица“ за вработените кои со години вложуваат труд во јужногерманскиот погон.

Зачлени се на нашиот е-билтен