Во „Музејот на Албанската азбука“ се чествува „Битолскиот Конгрес“

„Музејот на албанската азбука“
Од Planeti — сопствено дело, CC BY-SA 4.0, https://commons.wikimedia.org/w/index.php?curid=35983194

Националната установа „Музеј на Албанската азбука“ со повеќе програмски активности ги одбележува деновите на „Битолскиот Конгрес“, историски настан кој се одржал во Битола и завршил на 22 ноември 1908 година кога е донесена одлука за унифицирање на Албанската азбука.

Во изјава за МИА, директорот на Музејот, Нуер Арслани истакна дека на централната свеченост што ќе се одржи утре и претходат повеќе програмски активности во просториите на установата.

-Деновиве реализиравме повеќе едукативни програми со ученици од прво до деветто одделение, промовиравме изложба која сведочи за периодот на битолскиот конгрес, наши гости беа професорите Арсим Синани и Дорина Дариу од Тирана, а вчера одржавме научна трибина. Со одбележувањето продолжуваме и денеска, во 14 часот во нашите простории ќе одржиме поетски час, а вечер во кино „Манаки“ ќе биде емитуван документарн филм, посочи Арслани.

Манифестациите посветени на Битолскиот Конгрес и 22 ноември 1908 година завршуваат утре на денот на празникот кога во Битола националната установа „Музеј на Албанската азбука“ ќе ја посетат владини и собраниски делегации од Македонија, но и од странство.

Како што е познато, од 22 ноември 2007 година, Денот на албанската азбука се слави како државен празник и е неработен ден за граѓаните на албанската заедница во земјава.

Зачлени се на нашиот е-билтен