Силно невреме проследено со обилни врнежи од дожд, грмотевици и силен ветер предизвика значителни штети на грчкиот остров Крф, во областа Епир, како и во градовите Јанина, Арта, Парга и Игуменица, јавува дописничката на МИА од Атина.
Според локалните медиуми, северниот дел на Крф претрпел сериозни последици: има лизгање на земјиште, паднати карпи, блокирани патишта и непроодни области. Слична е состојбата и во поширокиот регион на Епир, каде што реката Каламас се излеа и целосно поплави околни земјоделски површини.
Податоците на порталот Метео при Националната опсерваторија во Атина покажуваат дека во периодот од вторник до вчера, Грција се соочила со две целосно различни метеоролошки состојби: силни дождови и интензивни грмежи во западните и северните делови од земјата, додека јужните и источните региони имале многу слаби или речиси незабележливи врнежи.
Вкупната количина дожд на одредени локации надминала 200 милиметри, додека во делови од Тесалија, централна Грција, Пелопонез, Евија, Крит и некои острови во Егејот не бил регистриран ниту еден литар дожд.
Највисока измерена сума на врнежи е забележана во Коница – 246,8 милиметри. Вкупно 29 од 543 активни метеоролошки станици во мрежата на Метео регистрирале над 100 милиметри дожд.

