Бразил, домаќин на климатскиот самит COP30, го објави нацрт-текстот на предлог-спогодбата за годинашната конференција на ООН за климатските промени. Во новата верзија е изоставен глобалниот план за постепено напуштање на фосилните горива, кој беше дел од претходните предлози.
Прашањето за иднината на фосилните горива беше едно од најоспоруваните на двонеделната конференција во бразилскиот амазонски град Белем, на која учествуваат речиси 200 влади. Денови наназад траат расправите околу тоа како да се постапи со горивата чијo изгор ги произведува стакленичките гасови – главниот двигател на глобалното затоплување.
Десетици држави, меѓу кои Германија, Кенија и повеќе нискоостровски земји, силно се залагаат за јасен „патоказ“ што би утврдил како да се исполни обврската преземена на COP28 за постепено укинување на употребата на фосилни горива.
Сите спомени за фосилни горива исфрлени од новиот нацрт
Но, во утрово објавениот нацрт-текст сите споменувања на фосилните горива се целосно извадени. Документот и понатаму е предмет на преговори и мора да биде усвоен со консензус.
Претседателството на COP30 вчера одржа консултации со клучните преговарачки групи, откако пожар на местото на конференцијата предизвика евакуација и неколкучасовен прекин на разговорите.
Самитот би требало да заврши денес, но преговорите може да продолжат и за време на викендот – практика што е честа на годишните климатски конференции.
Повик за тројно зголемување на финансирањето за адаптација
Во нацртот се повикува и на глобални напори за утројување на достапното финансирање за адаптација кон климатските промени до 2030 година во однос на нивото од 2025. година. Сепак, не е јасно наведено дали овие средства би ги обезбедиле богатите држави или пак други извори – развојни банки или приватниот сектор. Ова може да ги разочара посиромашните земји кои бараат поцврсти гаранции за користење јавни средства.
Инвестициите за адаптација, како зајакнување инфраструктура против екстремна жештина или подобра отпорност на објектите на силни бури, се клучни за заштита на животот, но генерално носат мал финансиски поврат, што го отежнува привлекувањето приватен капитал.
Дијалог за трговијата – победа за Кина, предизвик за ЕУ
Нацрт-спогодбата предвидува отворање дијалог за трговијата на наредните три климатски самити, со вклучување на владите и актери како Светската трговска организација. Ова би претставувало дипломатска победа за земји како Кина, кои одамна бараат трговските прашања да бидат дел од климатските преговори.
Сепак, тоа би можело да биде чувствително прашање за Европската Унија, бидејќи овие иницијативи најчесто се насочени кон европскиот прекуграничен јаглероден данок. Јужна Африка и Индија веќе го имаат критикувано овој механизам и бараат негово укинување.

