Апелациониот суд во Белград укина дел од првостепената пресуда со која Владимир и Миљана Кецмановиќ родителите на малолетникот што го изврши масовното убиство во Основното училиште „Владислав Рибникар“ беа осудени на повеќегодишни затворски казни. Случајот во овој сегмент се враќа пред Вишиот суд на повторно постапување.
Во одлуката се наведува дека судот ја усвоил жалбата на бранителите на обвинетите и дека во делот што ги засега Владимир и Миљана Кецмановиќ пресудата е укината „поради битни повреди на одредбите од кривичната постапка“. Апелациониот суд констатирал дека образложението на првостепениот суд е „нејасно и во спротивност со изреката на пресудата“.
Ново судење со целосно утврдување на фактичката состојба
Апелациониот суд му наложи на Вишиот суд во повторната постапка да ги отстрани сите утврдени недоследности, да ги примени материјалните и процесните одредби во целост и на јасен начин да ги утврди сите клучни факти поврзани со кривичните дела.
Во образложението се нагласува дека првостепениот суд мора детално и поврзано да ги оцени сите изведени докази и да даде „јасни и недвосмислени причини“ за својата конечна одлука.
Притворот за Владимир Кецмановиќ продолжува
Апелациониот суд донесе одлука да го продолжи притворот за Владимир Кецмановиќ, оценувајќи дека и понатаму постојат условите поради кои тој мерката првично ја доби и подоцна беше продолжувана.
Истовремено, со мнозинство гласови, Апелациониот суд ја потврди првостепената пресуда во делот каде што Миљана Кецмановиќ беше ослободена од дел од обвинението.
Маринковиќ добива едногодишна затворска казна
Усвојувајќи ја жалбата на одбраната на обвинетиот Немања Маринковиќ, судот ја преиначи одлуката за кривичната санкција и го осуди на една година затвор која ќе ја издржува во домашни услови. Тој е обврзан да плати и 20.000 динари на име судски паушал.
Првостепените казни
Во првостепената постапка, Владимир Кецмановиќ беше осуден на 14 години и шест месеци затвор за тешко дело против општата сигурност, како и за запуштање и злоупотреба на малолетно лице. Миљана Кецмановиќ беше осудена на три години затвор за запуштање и злоупотреба на малолетно лице.

