Правниот експерт и универзитетски професор Гордан Калајџиев остро предупредува дека „штетата од политички монтираното обвинение за Кочани ќе ја платиме сите“, алудирајќи на постапката за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
Тој потсетува дека обвинителите во овој случај градат широка „теорија“ на верижна одговорност за трагедијата, но според него проблемот не е во тоа што згрешиле – туку во тоа што не се работи за грешка, туку за нарачка од политиката. „Сите правни авторитети се сложија дека тоа баш нема да може, а сепак си го тераат“, посочува Калајџиев, додавајќи дека наместо санкции, тие што го туркаат ваквото обвинение доживуваат унапредувања во кариерата.
Уште поостра е критиката кон судот. Професорот пишува дека „уште пострашно е што судот нема храброст да не го прифати ваквото широко обвинение“. Со тоа, според него, правосудниот систем испраќа опасен сигнал: дека ќе се прифаќаат политички конструирани случаи, дури и кога струката јасно укажува дека правната конструкција не држи.
Случајот „Пулс“ веќе одамна излезе надвор од рамката на едно кривично досие и прераснува во тест за владеење на правото. Ако се потврди перцепцијата дека обвинението е „монтирано“ и туркано со политички притисок, тогаш, како што предупредува Калајџиев, штетата нема да се мери само во загубена доверба во судството, туку и во обесштетувања, поништени постапки и долгорочен удар врз кредибилитетот на институциите.
Клучната порака на професорот е дека ова не е битка само за Кочани или само за една трагедија, туку за тоа дали правото ќе остане последната заштита од политичката самоволја – или ќе стане алатка во нејзина служба.

