Трговските односи на Европската Унија со САД и со Кина ќе бидат главни теми на денешниот Совет за надворешни работи на ЕУ на ниво на министри задолжени за трговија што ќе се одржи во Брисел.
Состанокот ќе започне со дебата за актуелната состојба и перспективите на трговските односи меѓу ЕУ и САД, во светлина на билатералниот трговски договор од 21 август 2025 година и чекорите преземени за негово спроведување.
Дополнително, трговската соработка меѓу ЕУ и САД ќе биде тема и на работниот ручек на кој на европските министри ќе им се придружат и американскиот секретар за трговија Хауард Лутник и трговскиот претставник Џејмисон Грир.
Министрите за трговија ќе разменат мислења и за актуелните случувања и идните перспективи на трговските односи меѓу ЕУ и Кина, особено по најавата на кинеските власти за нови ограничувања или суспензии на извозот на ретки минерали.
Покрај ова, на Советот ќе стане збор и за билатералните трговски договори на ЕУ со неколку други партнери, кои веќе се усогласени, но се уште не се склучени или за кои преговорите се во тек, како што е случајот со Индија.
Предвидено е Европската комисија пред министрите да го претстави годишниот извештај за спроведувањето на трговската политика на ЕУ, а еврокомесарот за трговија и економска безбедност Марош Шефчович ќе го презентира својот извештај за напредокот во процесите за поедноставување и имплементација. Дополнително, Германија, Естонија, Летонија, Литванија, Полска, Финска и Шведска ќе презентираат предлози за дополнителни царини за производи увезени од Русија и Белорусија.

