Киев: Четири загинати и 17 повредени во руски напад врз Харков

Фото: X/@ZelenskyyUa

Во рускиот напад изминатата ноќ врз украинскиот град Харков, вториот најнаселен град во земјата пред инвазијата што Москва ја започна во февруари 2022 година, загинале четири лица, а 17 се повредени, соопшти доцна синоќа градоначалникот Игор Терехов.

„Повредени се 17 лица, четири се убиени“, изјави Терехов, нагласувајќи дека нападот се случил и покрај тековните мировни преговори за Украина. Тој додаде дека руските сили „нападнале станбени згради“ во градот близу руската граница.

Според службата за итни ситуации, нападите биле изведени со дронови. Уништени се објекти и предизвикани се пожари во три станбени згради и во еден објект од цивилната инфраструктура.

Русија речиси секојдневно ја напаѓа Украина со дронови и ракети, при што енергетската инфраструктура е една од главните мети, што предизвикува дополнителна загриженост со приближувањето на зимата.

Од украинска страна, редовно се напаѓаат складишта за нафта, рафинерии и други објекти на руска територија.

Во неделата, украински, американски и европски претставници се состанаа во Швајцарија за да разговараат за планот на американскиот претседател Доналд Трамп за завршување на конфликтот во Украина. Првичната верзија на документот наиде на противење од Киев и неговите европски сојузници.

Сепак, американскиот државен секретар Марко Рубио изрази голем оптимизам за можноста за постигнување договор, наведувајќи дека очекува тоа да се случи „многу скоро“ и дека е постигнат „огромен напредок“ на преговорите во Швајцарија.

Зачлени се на нашиот е-билтен