Агенцијата за филм на Република Северна Македонија ја информира јавноста дека денес одржа прес-конференција на која беа презентирани дополнителни појаснувања поврзани со Конечниот ревизорски извештај на Државниот завод за ревизија (ДЗР) за финансиското работење на Агенцијата заклучно со декември 2024 година, како и да бидат презентирани информации за тековните реформи што се спроведуваат под актуелното раководство.
Во однос на објавеното соопштение од ДЗР и насловот „Слабости во работењето и неправилностите во Агенцијата за филм не се надминати и се повторуваат“, сметаме дека е важно да се појасни дека извештајот се однесува исклучиво на работењето до декември 2024 година, односно на период што претходи на актуелното раководство.
Формулацијата на насловот од соопштението на ДЗР, кој медиумите го презедоа, создаде впечаток дека констатираните состојби се однесуваат и на тековното работење на Агенцијата. Важно е да се појасни дека извештајот се однесува на ревизија на неколку избрани проекти и на период заклучно со 2024 година, што не ја одразува состојбата по спроведените реформи и активности реализирани во 2025 година.
Воедно, ги цениме укажувањата на ДЗР, кои претставуваат солидна основа за натамошно унапредување на системите и процесите. Токму на тие реформи Агенцијата активно работи уште од почетокот на 2025 година.
Воспоставен е процес на целосна усогласеност на деловните книги со фактичката состојба, а во моментов се спроведува и детален попис на средствата, побарувањата и обврските, со што се обезбедува стабилно и транспарентно финансиско управување.
Активно се работи на изготвување на Стратегија за развој на филмската дејност, документ кој по повеќе години ќе обезбеди јасна визија, приоритети и долгорочни насоки за развој на секторот.
Во согласност со законските обврски и принципите на отчетност, новото раководство достави шестмесечен извештај за работењето до Владата на Република Северна Македонија, со што се демонстрира посветеност, отчетност и одговорно управување.
Во текот на 2025 година Агенцијата за филм реализира историски рекордна исплата во износ од 3.160.000 евра како финансиска поддршка за филмската дејност. Исплатата е реализирана кон вкупно 55 филмови и 36 фестивали. Истовремено, обврските за 2025 година, и покрај новите одобрени филмски проекти, се намалени за 20% во споредба со 2024 година, што укажува на зголемена финансиска дисциплина и подобрено планирање.
Најголема новост е дека Агенцијата активно ја поддржува и кампањата за Оскарите на документарниот филм „Приказната за Силјан“ на Тамара Котевска, за што се издвоени 100.000 евра, со цел достојно претставување на нашата држава на најпрестижната филмска платформа во светот.

„Во изминатиот период вложивме големи напори да ја расчистиме институцијата од наследените административни заплеткувања и да воспоставиме нови, функционални принципи на управување. Нашата цел е едноставна — Агенцијата за филм да биде партнер и поддржувач на креативната заедница, а не пречка.
Како ново раководство, искрено се гордееме со успесите што македонскиот филм ги постигнува во 2025 година. Овој творечки подем е резултат на талентот и посветеноста на филмските автори, а наша задача е да создадеме стабилен, јасен и ослободен систем што ќе им обезбеди простор да творат слободно и креативно, притоа да бидат достојно поддржани“ – вели в.д директорот Сашко Мицевски.
Филмовите поддржани од Агенцијата бележат исклучителни меѓународни резултати. Филмот „Диџеј Ахмет“ на Ѓеорги М. Унковски од почетокот на годината до денес, ја претстави државата на над 70 меѓународни фестивали, освојувајќи 29 награди и признанија. Филмот „Мајка“ на Теона С. Митевска ја отвори официјалната селекција „Хоризонти“ на Фестивалот во Венеција, што претставува значаен успех за македонската кинематографија.
“Ова е патот по кој ќе продолжиме: поддршка, транспарентност, професионализам и создавање услови за нови филмски успеси. Веруваме во нашите автори и ќе направиме сè што е потребно за нивниот творечки потенцијал целосно да се реализира“ – заклучи Мицевски.
Агенцијата за филм останува целосно посветена на отворена комуникација и на унапредување на начинот на кој работи, водејќи се од интересот на филмската заедница и јавноста. Јасното и точно информирање е основа за доверба и за понатамошен развој на филмската дејност, а тоа останува непроменлив приоритет на сегашното раководство.

