Поранешниот француски претседател Никола Саркози следниот месец ќе ја објави книгата „Дневник на еден затвореник“ („Le journal d’un prisonnier“), во која ги опишува 20-те дена поминати во затворот Ла Санте. Тој беше ослободен на 10 ноември, по тринеделниот престој во посебно одделение, одвоено од останатите затвореници.
Издавачот Fayard, кој е дел од медиумската група под контрола на десничарскиот бизнисмен Венсан Болоре, најави дека мемоарот има 216 страници и ќе се појави во книжарниците на 10 декември.
Во објава на X, Саркози напиша дека во затворот „бучавата, за жал, е постојана“ и дека „внатрешниот живот на човекот станува посилен во затвор“. Како најава за книгата објавен е и краток цитат: „Во затвор нема што да се види и нема што да се прави.“
Се чини дека пишувањето било исклучок од ова правило. Засега останува нејасно какви увидувања може да понуди книга од 216 страници за само 20 дена минати зад решетки – дали се работи за записи од изолацијата, размислувања за условите во француските затвори или нешто сосема трето. Познато е дека со себе ја понел и книгата „Гроф Монте Кристо“ од Александар Дима, што можеби било инспирација за дел од белешките.
Саркози, кој ја водеше Франција од 2007 до 2012 година, на 25 септември беше осуден за криминално здружување со цел незаконско финансирање на претседателската кампања во 2007 година. Парискиот суд му изрече казна од пет години затвор, со што тој стана првиот поранешен француски претседател кој завршил зад решетки по времето на Филип Петен, соработник на нацистите.
Саркози е на слобода додека трае жалбената постапка. Неговата жалба треба да се разгледува од 16 март до 3 јуни 2026 година.

