Даночниците од „Пулс“ во куќен притвор, судот под лупа на јавноста

Актуелната в.д. претседателка на Кривичниот суд Скопје, Даниела Димовска, се најде во фокусот на јавноста откако нејзиниот брат се појави меѓу осомничените во новата истрага поврзана со дискотеката „Пулс“ од Кочани, но истовремено и официјално претендира да стане прв човек на судот каде што се води главниот процес за трагичниот пожар во кој загинаа 63 лица.

Судот во Кочани ги одби жалбите на Обвинителството и потврди дека двајцата осомничени даночни инспектори од УЈП, меѓу кои е и братот на Димовска – Д.П., остануваат во куќен притвор, наместо да бидат испратени во затворски притвор, како што бараше обвинителот. Според обвинението, тие се сомничат дека ја злоупотребиле службената положба, земале поткуп и однапред ги информирале сопствениците на „Пулс“ за претстојни контроли, овозможувајќи избегнување на законските обврски и даночно затајување.

Паралелно со оваа истрага, трае и изборната процедура за нов претседател на Кривичниот суд Скопје. Кандидати се в.д. претседателката Даниела Димовска и судијата Ивица Стефановски. Претседателот на Судскиот совет, Александар Камбовски, најавува дека одлуката за тоа кој ќе застане на чело на судот, каде се судат најважните предмети за организиран криминал и корупција, се очекува околу Нова година, откако комисијата ќе го финализира извештајот по кандидатурите.

Стефановски е судија од 2008 година и некогашен заменик-претседател на судот. Јавноста го препознава по случајот „Монструм“ за петкратното убиство кај Смилковското Езеро, во кој изрече доживотни казни затвор, како и по последните пресуди за убиствата на младата Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежовски – процеси што беа под зголемено јавно внимание и сега повторно се актуелизираат поради жалбите на обвинетите пред второстепениот суд.

Димовска, пак, е избрана за судијка во 2016 година, првично како судија во претходна постапка, а функцијата в.д. претседателка на Кривичниот суд ја извршува од 6 јули годинава, откако тогашниот претседател Иван Џолев беше унапреден за апелационен судија. Нејзиното име стана актуелно по излегувањето на информациите дека нејзиниот брат е дел од новата истрага за „Пулс.

На прашањето дали може да гарантира непристрасност во предметот поврзан со „Пулс“ и дали размислува за оставка од морални причини, Димовска нагласува дека ниту таа ниту Кривичниот суд имаат каква било улога во постапката против осомничените даночници и дека ниту може, ниту смее да влијае на тој предмет. Таа уверува дека судот ќе продолжи да работи професионално, законито и транспарентно во постапката за пожарот во дискотеката, а личните семејни околности, како што вели, не можат да имаат никакво влијание врз работењето на конкретниот случај.

Кочанскиот суд, и покрај инсистирањето на обвинителството за построга мерка, процени дека куќниот притвор е доволна гаранција дека даночните инспектори ќе бидат достапни за органите на прогонот и дека нема да влијаат врз сведоци или да го повторат делото. Во меѓувреме, второто рочиште од главниот процес за пожарот во „Пулс“ продолжува, по воведниот збор на обвинителот Борче Јанев, кој детално ги опиша последиците од незаконското постапување и ланецот пропусти што довеле до загуба на 63 човечки животи. На наредното рочиште обвинетите треба да се изјаснат дали се чувствуваат виновни.

Случајот добива силна политичка димензија. Семејствата на загинатите протестираа во Скопје, барајќи одговорност и гаранции дека вакви трагедии нема да се повторат. Во Собранието, иницијативата на СДСМ и Левица за Анкетна комисија за политичка одговорност за несреќата во „Пулс“ е вратена на доработка, а нова иницијатива за поширока анкетна комисија – која би ги опфатила и трагедиите во модуларната болница во Тетово, автобуските несреќи во Ласкарци и со „Беса Транс“ во Бугарија – ја поднесоа пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, „Вреди“ и ЗНАМ. Целта е да се утврдат околностите и евентуалната одговорност на функционери и институции во низата катастрофи што ја потресоа државата во последните години.

Зачлени се на нашиот е-билтен