Поранешниот британски премиер зборува за лекувањето од рак на простата: „Ние мажите сме склони да одложуваме“

Поранешниот британски премиер Дејвид Камерон (59) откри дека претходно оваа година се лекувал од рак на простата.

Како што изјави за весникот Times, неговата сопруга инсистирала да направи преглед откако заедно слушале интервју на BBC радио со претприемачот Ник Џонс, кој води кампања за поголем скрининг кај мажите, откако и самиот бил дијагностициран со болеста.

Камерон направил тест за простата-специфичен антиген (PSA) на почетокот на годината, по што следеле магнетна резонанца и биопсија. Тој откри дека бил лекуван со фокална терапија – метод кој го таргетира делот каде што е присутен туморот, користејќи ултразвучни бранови за уништување на клетките на ракот.

Според BBC, ракот на простата е најчестиот карцином кај мажите во Велика Британија, со околу 55.000 нови случаи годишно.

Недостатоци на PSA-тестот

PSA-тестот открива протеини поврзани со ракот на простата, а кај лорд Камерон резултатот бил покачен.

Тој истакна дека сака да ја искористи својата позиција за да го поддржи повикот на организацијата Prostate Cancer Research — добротворна фондација чиј довереник е Ник Џонс, основачот на Soho House — скринингот да им се понуди на мажите со висок ризик.

Ракот најчесто се јавува во повозрасните години, особено кај мажи постари од 75 години. Ретко се појавува кај млади под 50 години, а почест е кај мажи со црна боја на кожа.

„Не сакам особено да дискутирам за свои интимни здравствени проблеми, но чувствувам дека треба“, рече Камерон. „Да бидеме искрени – мажите не се баш добри во тоа да зборуваат за своето здравје. Склони сме да одложуваме.“

Сепак додаде дека чувствувал обврска: „Си помислив, ете, ова ти се случи тебе и треба да дадеш свој глас.“

Лорд Камерон, кој беше конзервативен премиер од 2010 до 2016 година, а подоцна министер за надворешни работи во владата на Риши Сунак, изјави за Times дека би се чувствувал лошо доколку не излезел во јавност со своето искуство.

„Направив скенирање, што ми помогна да откријам дека нешто не е во ред. Тоа ми даде можност да се соочам со проблемот“, изјави тој.

Во Велика Британија во моментов нема национална програма за скрининг на рак на простата поради загриженост околу точноста на PSA-тестовите. Покачениот PSA не значи секогаш рак — може да биде резултат, на пример, на инфекција.

Мажите постари од 50 години може да побараат PSA-тест, но тој е непостојан: открива многу тумори кои никогаш не би барале третман, а пропушта други што би го барале.

Некои мажи со покачен PSA имаат рак на простата што никогаш не би предизвикал проблеми ниту би барал лекување, што создава непотребна загриженост и дополнителни испитувања.

Зачлени се на нашиот е-билтен