Макрон: Европјаните треба да одлучат што ќе прават со замрзнатиот руски имот

Францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека европските држави самите треба да одлучат како ќе го користат замрзнатиот руски имот што се наоѓа во Европа, откако американскиот претседател Доналд Трамп предложи негово вложување во проекти предводени од САД за обновата на Украина.

„Европјаните се тие што мора да кажат, бидејќи тоа е дел од планот, што ќе правиме со замрзнатиот руски имот што го држат европјаните“, изјави Макрон за радио RTL.

Макрон, кој попладнево ќе учествува на онлајн-состанокот на коалицијата која ја поддржува Украина, предупреди дека Русија води „стратегиска хибридна конфронтација со Европјаните“.

„Би направиле грешка ако покажеме слабост пред таква закана“, рече францускиот претседател. „Ако сакаме да се заштитиме, ние Французите – што е моја должност – мораме да покажеме дека не сме слаби пред силата што најмногу нè загрозува.“

Тој истакна дека мирот во Украина не смее да биде форма на капитулација.

„Сакаме мир, но не мир што е капитулација. Не сакаме мир што ја става Украина во невозможна позиција, што суштински ѝ дозволува на Русија да продолжи понатаму, вклучително и кон други европски земји, загрозувајќи ја нашата колективна безбедност“, рече Макрон.

На прашањето дали планот што го предложи американскиот претседател претставува капитулација, Макрон одговори дека „планот предложен од САД е чекор во вистинската насока – кон мир“. Тој додаде дека во планот има елементи што „заслужуваат разговори, преговори и подобрувања“.

Претставници на коалицијата која ја поддржува Украина попладнево ќе разговараат на онлајн-состанок за планот на Трамп за завршување на конфликтот што започна со руската инвазија на Украина во февруари 2022 година.

Зачлени се на нашиот е-билтен