Судењето за трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани денеска накратко беше прекинато, откако одбраната на дел од обвинетите реагираше дека сè уште не им е доставен интегрираниот текст на обвинението. По забелешките на адвокатите, рочиштето беше прекинато со пауза од околу половина час.
Адвокатите истакнаа дека не е можно обвинетите да се изјаснат за вина и да дадат воведни зборови за текст што воопшто не им е доставен, ниту во хартиена ниту во електронска форма. Според нив, без интегрирано и прецизно формулирано обвинение, се доведува во прашање и правото на одбрана.
По паузата, судот се согласи да не се продолжи со изјаснување за вина на обвинетите на денешното рочиште. Наместо тоа, процесот ќе продолжи процедурално, со изјаснување и разгледување на побарувањата за надомест на штета од страна на оштетените и нивните застапници, а изјаснувањето за вина ќе се одложи за нареден термин.

