САД постигнаа голем напредок кон мировен договор меѓу Русија и Украина

Вашингтон, Киев и Москва ги финализираат преостанатите детали, додека Зеленски се подготвува за средба со Трамп во Вашингтон

САД постигнаа огромен напредок кон постигнување мировен договор меѓу Русија и Украина, изјави денеска портпаролката на Белата куќа, Каролин Ливит.

„Во текот на изминатата недела, САД постигнаа огромен напредок кон доведување и на Украина и на Русија на преговарачка маса“, изјави Ливит во објава на социјалната мрежа X.

Според неа, постојат неколку деликатни, но не и непремостливи детали што треба да се решат и ќе бараат понатамошни разговори меѓу Украина, Русија и САД.

Претходно денеска, како што објави Би-Би-Си, неименуван висок американски функционер тврдеше дека Украина се согласила на мировен договор со Русија, но дека некои помали детали остануваат да се решат.

Шефот на украинскиот Совет за безбедност, Рустем Умеров, изјави дека САД и Украина постигнале „заедничко разбирање за клучните услови на договорот за кој се разговарало“ на претходните разговори во Женева.

Во објава на социјалните мрежи, тој напиша дека делегациите на САД и Украина постигнале „заеднички договор за основните услови“ на мировниот план, осврнувајќи се на нивниот состанок во Женева.

Тој, исто така, објави дека украинскиот претседател Володимир Зеленски оваа недела ќе отпатува за Вашингтон на средба со американскиот претседател Доналд Трамп.

Зачлени се на нашиот е-билтен