Во нов извештај на Конференцијата на ОН за трговија и развој (UNCTAD) се наведува дека војната во Газа создаде „човечки предизвикана бездна“ и дека обновата на разурнатата територија ќе бара повеќе од 70 милијарди долари во период од неколку децении. Според документот, израелските воени операции „значително ги поткопале сите столбови на опстанок“, оставајќи ја целата популација од 2,3 милиони луѓе соочена со „екстремна, повеќедимензионална сиромаштија“.
Економските показатели се драматични: економијата на Газа се намалила за 87 проценти во периодот 2023–2024 година, а БДП по глава на жител паднал на само 161 долар – едно од најниските нивоа во светот. UNCTAD дополнително предупредува дека насилството, забрзаната изградба на израелски населби и ограничувањата за движење на палестинските работници ја „девастирале економијата“ и на Западниот Брег.
Извештајот посочува дека драматичниот економски пад ги избришал речиси сите достигнувања од последните две децении: до крајот на 2024 година вкупниот палестински БДП се вратил на нивото од 2010 година, а БДП по глава на жител – на нивото од 2003 година. „Дури и со значителна меѓународна помош, закрепнувањето до економските показатели од пред октомври 2023 година би можело да трае со децении“, наведува UNCTAD.
Кршлив прекин на огнот и огромни хуманитарни потреби
Крвавиот двегодишен конфликт заврши со американски посредуван прекин на огнот во октомври, кој сè уште е кршлив. Палестинското Министерство за здравство соопшти дека најмалку 342 Палестинци биле убиени од израелска оган откако стапила на сила примирјето, додека Израел пријави три убиени војници од милитантски напади.
Хамас и Исламски џихад најавија дека ќе ги предадат посмртните останки на уште еден израелски заложник во согласност со договорот за размена. Израел тврди дека доцнењето претставува прекршување на прекинот на огнот.
Состојбите во Газа остануваат катастрофални. Светската програма за храна (WFP) известува дека повеќето домаќинства не можат да си дозволат основни прехранбени продукти. Иако цените паднале во последните недели, количините на храна што се консумираат се далеку под нивоата од пред конфликтот. Исхраната се сведува на житарки, мешунки и умерени количини млечни производи и масло, додека зеленчук, овошје и месо речиси и да нема. Недостигот од гас принудува многу семејства да палат пластика и други отпадоци за да зготват.
Големи политички и безбедносни неизвесности
Разговорите за имплементација на планот на Доналд Трамп за Газа – кој предвидува технократска палестинска влада, меѓународен „борд за мир“ и меѓународни безбедносни сили – се уште се обвиени со неизвесност. Предлогот доби формална поддршка од Советот за безбедност на ОН, но патот до практична реализација останува сложен.
Во меѓувреме, размената на заложници и затвореници продолжува: Хамас ги ослободи сите 20 живи израелски заложници што ги држеше и ги врати посмртните останки на сите освен тројца од 25-те загинати. Израел, пак, ослободи речиси 2.000 палестински затвореници и ги предаде телата на стотици загинати Палестинци.
UNCTAD предупредува дека, без огромна меѓународна поддршка и суштинска промена на политичките околности, обновата на Газа ќе биде процес што ќе трае генерации, а социјалните и економските последици од разорувањата ќе се чувствуваат со децении.

