Reuters: Mировниот план на Трамп настанал врз основа на документ испратен од Русија

Како што се засилуваат расправите околу американскиот мировен план од 28 точки, три извори за агенцијата Ројтерс откриваат нови детали за неговото потекло. Според нив, планот бил изграден врз основа на документ подготвен во Москва и доставен до администрацијата на претседателот Доналд Трамп во октомври.

Изворите наведуваат дека Русија го споделила документот – кој ги содржел нејзините услови за запирање на војната – со високи американски претставници веднаш по состанокот меѓу Трамп и украинскиот претседател Володимир Зеленски во Вашингтон.

Во документот, според Ројтерс, биле наведени позиции што Кремљ ги повторуваше и на преговорите, вклучувајќи територијални барања, безбедносни гаранции и ограничувања за големината на украинската армија – отстапки што Киев претходно ги одбиваше.

Како изгледал оригиналниот план на Трамп пред консултациите со Украина

Планот, според документите до кои дошол Ројтерс, содржел 28 точки, меѓу кои:

  1. Потврда на суверенитетот на Украина.
  2. Сеопфатен договор за ненапаѓање меѓу Русија, Украина и Европа.
  3. Русија да не ги напаѓа соседните земји, а НАТО да не се проширува понатаму.
  4. Дијалог Русија–НАТО под посредство на САД.
  5. Јасни американски безбедносни гаранции за Украина – првпат формално.
  6. Ограничување на украинската армија на 600.000 војници.
  7. Уставна забрана Украина да влезе во НАТО; НАТО да гарантира дека нема да ја прими.
  8. Забрана НАТО да распоредува сили во Украина.
  9. Европски борбени авиони да бидат стационирани во Полска.
  10. Детален пакет за американските гаранции, со услови кога тие важат и кога престануваат.
  11. Можност Украина да стане членка на ЕУ и привилегиран пристап до европскиот пазар.
  12. Глобален пакет за обнова на Украина – технологија, инфраструктура, ресурси, фонд на Светска банка.
  13. Постепена реинтеграција на Русија во глобалната економија и враќање во Г8.
  14. Користење на замрзнатите руски средства за обнова на Украина – 100 милијарди долари, со поделба на профитот.
  15. Заедничка американско-руска работна група за безбедност.
  16. Русија формално ќе потврди политика на ненапаѓање.
  17. Продолжување на договорите за контрола на нуклеарно оружје.
  18. Украина останува ненуклеарна држава.
  19. Нуклеарната централа Запорижја да работи под надзор на МААЕ со поделба на енергијата 50:50.
  20. Програми за толеранција и заштита на малцинствата; забрана на „нацистичка идеологија“.
  21. Територијални решенија:
    – Крим, Луганск и Донецк се признаваат како де факто руски, вклучително и од САД;
    – Во Херсон и Запорижја се „замрзнува“ сегашната линија;
    – Одредени делови од Донецк стануваат демилитаризирана тампон-зона под руска контрола;
    – Русија не смее да влезе во тампон-зоната.
  22. Забрана за промена на новите граници со сила.
  23. Русија нема да ја блокира украинската трговија по Дњепар; ќе има договор за извоз на жито преку Црното Море.
  24. Хуманитарен комитет – „сите за сите“ размена на заробеници, враќање на деца, обединување семејства.
  25. Украина ќе одржи избори во рок од 100 дена.
  26. Целосна амнестија за сите страни.
  27. Правна обврзност на договорот под надзор на Совет за мир предводен од Трамп.
  28. Прекинување на огнот веднаш по повлекувањето на страните на договорените позиции.

Според Ројтерс, американски официјални лица признаваат дека планот бил само почетна верзија и дека Украина го одбила голем дел од предложените точки уште на првите разговори.

Зачлени се на нашиот е-билтен