Болсонаро започнува да ја издржува 27-годишната затворска казна

Бразилскиот Врховен суд синоќа го формализираше случајот против поранешниот претседател Жаир Болсонаро и издаде наредба тој да започне со издржување на затворска казна од 27 години и три месеци во полициска станица во Бразилија. Според британскиот Гардијан, Болсонаро ќе биде сместен во ќелија од 12 квадратни метри, а заедно со него казните треба да ги започнат и шестмина негови соучесници во планирањето на државниот удар по поразот на изборите во 2022 година.

Судскиот процес беше окончан откако судијата на Врховниот суд, Александар де Мораес, ја прогласи пресудата за конечна. Болсонаро уште во ноември ја загуби жалбата со која се обидуваше да ја оспори осудата. Поранешниот претседател во септември беше прогласен за виновен за организирање заговор за пуч, по неговиот пораз од актуелниот претседател Луиз Инасио Лула да Силва. Од неделата се наоѓа во притвор, откако се утврдило дека за време на домашниот притвор се обидел да ја отстрани електронската наногвица со помош на лемилица.

На рочиштето тврдеше дека не сакал ниту да избега ниту да го оштети уредот, објаснувајќи дека земал комбинација од антиепилептични лекови препишани од различни лекари за неговото хронично кашлање, поради што помислил дека во уредот има опрема за прислушување. Според истрагата, планот на Болсонаро и неговите најблиски соработници во 2022 година наводно вклучувал и убиство на Лула и неговиот кампањски соработник Жералдо Алкмин.

На високи казни се осудени и повеќе поранешни функционери од неговата администрација, меѓу кои поранешниот министер за одбрана Пауло Серџио Ногеира де Оливеира, генерал Августо Хелено, поранешниот командант на морнарицата Алмир Гарние Сантос, поранешниот министер за одбрана Валтер Брага Нето, поранешниот министер за правда Андерсон Тореш и поранешниот шеф на разузнавачката служба Александар Рамажем, кој е осуден во отсуство по бегството во САД.

Синот на поранешниот претседател, Карлос Болсонаро, изјави дека неговиот татко е „психолошки уништен“. Со формалното потврдување на пресудата, започнува едно од најзначајните политички поглавја во современата историја на Бразил.

Зачлени се на нашиот е-билтен