Ако фрлите мал отпад на јавна површина, како на пример отпушок од цигара, во Сингапур ќе платите казна од 300 сингапурски долари, односно околу 200 евра. И тоа е казната само за првиот прекршок.
Како што пишува Punkufer.hr, доколку повторно бидете фатени во ист прекршок, казните достигнуваат и неколку илјади евра.
Сингапур често го нарекуваат најчистиот град во светот — што воопшто не е изненадување за оние што го посетиле овој азиски град со исклучително ефикасен систем за управување со отпад, редовно чистење на јавните површини и строги закони за одржување на чистотата.
За прв посериозен прекршок, како фрлање поголем отпад, може да добиете казна до 1.000 сингапурски долари (околу 663 евра). Иста казна важи и ако ве фатат дека плукате на јавна површина или храните птици.
Кај повторени прекршоци се применува и тактика на јавно посрамување — прекршителите се задолжуваат јавно да чистат отпад, облечени во впечатливи светли елеци, и тоа на прометни туристички локации.
Владата користи и современа технологија за да ја одржи чистотата и јавниот ред. На пример, во лифтовите се поставени уреди што детектираат урина; ако некој се обиде да се олесни во лифт, вратите автоматски се заклучуваат, а уредот испраќа сигнал до полицијата.
Дека Сингапур е најчистиот град во светот го потврди и годинешната студија на американската компанија Eagle Dumpster Rental, која се занимава со изнајмување контејнери и отстранување отпад.
Студијата ги анализирала најпопуларните туристички дестинации според управување со отпад, перцепција на чистота и количина генериран отпад по жител. Податоците биле преземени од базата за квалитет на живот Numbeo, базата за управување со отпад Atlas D-Waste, како и од локални извори.
Резултатите покажале дека Сингапур произведува само 321 килограм отпад по глава на жител. За споредба, според истата студија, најпрљав град во светот е прогласен Рим – главниот град на Италија, кој произведува околу 654 килограми отпад по жител.

