Инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство денеска излегоа на терен во основното училиште „Димо Хаџи Димов“ во Скопје, откако утрово поголем број ученици се пожалиле на стомачни болки. Вонредниот надзор се спроведува во кујната на операторот со храна, во координација со Државниот санитарен и здравствен инспекторат, Институтот за јавно здравје и Центарот за јавно здравје.
Од АХВ потврдуваат дека акцијата е покрената по добиеното известување за сомнеж за евентуално труење со храна кај ученици од училиштето. За да се спречи дополнителен ризик и да се овозможи целосна контрола на состојбата, кујната во училиштето е привремено затворена сè до добивање на резултатите од анализите.
Согласно Националниот протокол за постапување при сомнеж за труење со храна, инспекторите и епидемиолошките служби ќе спроведат детална епидемиолошка анкета со учениците, персоналот и сите вклучени во подготовката и сервирањето на оброците. Паралелно со тоа, од кујната ќе бидат земени мостри од инкриминираната храна, од работните површини, приборот и машините за подготовка, кои ќе бидат пратени на лабораториско тестирање.
Резултатите од анализите треба да покажат дали навистина станува збор за труење со храна, кој е можниот извор на контаминација и дали има пропусти во хигиенските практики или во системот за безбедност на храна кај операторот. На основа на утврдената состојба, АХВ најавува соодветни мерки – од налози за отстранување на неправилности, па сè до прекршочни или други постапки, доколку се утврди одговорност.
Од Агенцијата за храна и ветеринарство посочуваат дека по завршување на контролата јавноста ќе биде дополнително информирана за резултатите од надзорот и за изречените мерки, а до тогаш останува на сила одлуката кујната во ООУ „Димо Хаџи Димов“ да не работи.

