Масовното труење на учениците во основното училиште „Димо Хаџи Димов“ во скопската населба Влае доби нова, политички чувствителна димензија. Помладиот син на премиерот Христијан Мицкоски е меѓу потешко затруените деца и веќе два дена е хоспитализиран со симптоми на труење и зголемена телесна температура, објави Нетпрес повикувајќи се на свои извори. Во моментов, според истите извори, детето е во подобра состојба.
Информацијата дека меѓу затруените ученици е и дете на претседателот на Владата ја подига приказната од локална училишна драма на ниво на државен тест за системот за безбедност на храната, водата и инспекцискиот надзор. Масовниот случај веќе денес ја вклучи целата вертикала – од училиштето и општината, преку здравствените институции, до Агенцијата за храна и ветеринарство и надлежните инспекторати.
Според досегашните информации, најмалку четириесет деца пријавиле симптоми – стомачни болки, нагон за повраќање и општа малаксаност – откако вчера во училиштето им бил послужен организиран оброк. Децата од пониските одделенија, кои се во целодневна настава, за појадок јаделе корнфлекс со млеко, а за ручек мусака. Првите тегоби почнале да се појавуваат по завршувањето на наставата, кога учениците веќе биле дома, а дел од нив завршиле на прегледи и во болнички кревет.
Паралелно со медиумските извештаи за бројот на заболени деца, Агенцијата за храна и ветеринарство соопшти дека, заедно со Државниот санитарен и здравствен инспекторат, Институтот за јавно здравје и Центарот за јавно здравје, спроведува вонреден инспекциски надзор во училишната кујна. Кујната е привремено затворена, а согласно националниот протокол се земаат мостри од храната, од работните површини, од приборот и од машините, како и епидемиолошки податоци од децата и персоналот. Резултатите од анализите треба да покажат дали изворот на труењето е во храната или во водата за пиење.
Дел од родителите, пак, во изјави за Рацин.мк веќе посочија дека ова не е прв пат децата да се жалат на стомачни тегоби по јадењето во училиштето. Според нивните сведоштва, и претходно имало случаи на болки и повраќање, кои биле објаснети како „изолирани“ и поврзани со лична хигиена или моментална вирусна состојба. Вчерашната масовност на симптомите, како и фактот дека меѓу затруените има и дете на премиерот, радикално ја менува перспективата – од поединечен инцидент до системски проблем.

