Кој е Ден Дрискол, човекот на Трамп за мировната иницијатива за Украина?

Највисокиот американски претставник во Киев, преговарач со Русите во Абу Даби и актуелен секретар на копнената војска – Ден Дрискол се наметнува како потенцијално клучна фигура во американската политика кон Украина.

Како што пренесува „Дојче веле“, функцијата секретар на копнената војска традиционално е поврзана со административни и финансиски обврски околу опремувањето на армијата, а носителите на оваа позиција ретко се познати надвор од САД. Но со Дрискол, назначен на функцијата на само 38-годишна возраст, тоа би можело да се промени. Тој е најмладиот човек кој некогаш ја извршувал оваа функција, а воедно и личност со една од најосетливите мисии во администрацијата на претседателот Доналд Трамп.

Дрискол е по професија правник. Како војник служел во Ирак во 2009 година, но нема дипломатско искуство. Сепак, токму тој ја презеде централната улога како нов специјален изасланик за Украина во рамките на напорите на Трамп да го заврши војниот конфликт.

Претходно, задачата да ги води мировните разговори со Русија му припаѓаше на пензионираниот генерал-потполковник Кејт Келог, именуван од Трамп на почетокот од вториот мандат. Но Келог со текот на времето беше тргнат во страна и на почетокот од 2026 година официјално ќе ја напушти администрацијата. Него го наследи Стив Виткоф, близок довереник на Трамп и поранешен инвеститор во недвижности, кој преговараше и во конфликтот во Газа. Во последните недели, пак, во прв план се појави уште една фигура – Ден Дрискол.

Меѓународното внимание го привлече на 20 ноември, кога ненадејно се појави во Киев. Посетата требаше да биде рутинска, со фокус на прашања поврзани со вооружувањето, како што се дроновите. Но од Белата куќа добил задача да му достави на украинскиот претседател Володимир Зеленски план од 28 точки за можен мировен договор. Потоа заминал во Женева, каде заедно со државниот секретар Марко Рубио и Виткоф учествувал во тајни разговори со украинските претставници и со европските сојузници во НАТО. Од понеделник е во Абу Даби, каде ја почнува рундата разговори со руската делегација. Според медиумските извештаи, таму се сретнал и со шефот на украинското воено разузнавање Кирило Буданов.

Иако е татко на две деца и практично без дипломатска биографија, Дрискол ја носи војската во крвта. Потекнува од воено семејство од Северна Каролина – дедо му учествувал во Втората светска војна, татко му во Виетнам, а тој самиот бил командир на вод во планинска дивизија. Неговата брза политичка кариера, која пред 2025 година не постоела на високи позиции, најмногу се поврзува со долгогодишното пријателство со потпретседателот Џеј Ди Венс, со кого студирале право на Универзитетот „Јејл“. Венс лично го назначи Дрискол на функцијата секретар на копнената војска, а номинацијата доби силна поддршка од демократите во Сенатот.

Белата куќа брзо го препозна како човек за чувствителни задачи. Како што пишува „Гардијан“, Дрискол важи за фигура која ги решава проблемите таму каде што другите потфрлуваат – алузија на министерот за одбрана Пит Хегсет, кој поради контроверзии е оддалечен од најосетливите мисии. Извор за „Политико“ вели дека на Дрискол повеќе му се верува отколку на Хегсет да пренесува тешки пораки на странски лидери.

Покрај работата во војската, од април привремено раководи со федералната агенција ATF, надлежна за контрола на оружје и експлозиви – знаење што му служи и во преговорите околу Украина. Јавно ја пофали иновативноста на украинската одбранбена индустрија, особено во развојот на импровизирани дронови и автономни борбени системи, кои можат да бидат инспирација за американската индустрија. САД планираат да набават најмалку еден милион дронови во следните години, иако не е јасно дали домашните производители можат да ги следат потребните рокови. Украина, пак, веќе произведува повеќе од 1,5 милиони дронови годишно и сигнализира дека тој капацитет може да стане преговарачки адут.

Останува неизвесно дали Дрискол ќе успее да обезбеди дипломатски пробив со Русија. Непредвидливиот стил на претседателот Трамп ги прави сите прогнози ризични. Но младоста, лојалноста и подготвеноста на Дрискол да оди по нетрадиционални патишта го поставуваат во центарот на мировната иницијатива. Сега се наоѓа меѓу високите очекувања на претседателот, грубата политичка реалност и внимателниот поглед на меѓународната јавност, која со голем интерес го следи неговиот подем и потенцијалната улога во историјата.

Зачлени се на нашиот е-билтен