Пуч во Гвинеја-Бисау: суспендирани изборите, армијата формира привремена управа

Воените сили на Гвинеја-Бисау соопштија дека преземаат „целосната контрола“ врз земјата, само три дена по одржувањето на изборите. Војните офицери објавија дека го суспендираат изборниот процес и ги затвораат границите, преку изјава прочитана во седиштето на армијата во главниот град Бисау и емитувана на државната телевизија. Притоа информираа дека формираат „висока воена команда за обновување на редот“, која ќе управува со земјата до понатамошно известување.

Рано утрово се слушаше пукање во близина на седиштето на изборната комисија, претседателската палата и Министерството за внатрешни работи, но не беше јасно кој стои зад нападите. Преземањето на власта е најновото во долгата низа воени удари и обиди за пуч во Гвинеја-Бисау од нејзиното осамостојување од Португалија во 1974 година.

Гвинеја-Бисау важи за една од најсиромашните земји во светот. Според Светска банка, минатогодишниот просечен годишен приход по жител изнесувал само 963 долари. Во 2008 година ОН ја прогласија за „нарко-држава“ поради улогата во глобалната трговија со кокаин – резултат на нејзината сложена крајбрежна линија и големиот архипелаг Бијагос со 88 острови, кои долго време служеле како тајни точки за истовар на дрога од страна на јужноамериканските картели.

Актуелниот претседател Умаро Сисоко Ембало се надеваше дека ќе стане првиот шеф на државата по три децении кој ќе освои втор мандат. И тој и неговиот главен противкандидат Фернандо Дијас тврдат дека победиле во првиот круг од изборите одржани во неделата.

Претходно денес портпаролот на Ембало обвини дека зад пукањето стоеле вооружени лица поврзани со Дијас. Кампот на Дијас, пак, го обвини Ембало дека инсценира обид за пуч за да прогласи вонредна состојба и да остане на власт. Ниту една страна не достави докази за своите тврдења.

Изборната комисија требаше утре да ги објави привремените резултати од претседателските и парламентарните избори. Според „Ројтерс“, во Гвинеја-Бисау имало најмалку девет воени удари од независноста до доаѓањето на Ембало на власт во 2020 година. Тој тврди дека преживеал три обиди за пуч во првиот мандат, последниот наводно во октомври. Но критичарите тврдат дека Ембало измислува обиди за пуч за да ја задуши опозицијата. Во декември 2023 година часови се слушала пукава во Бисау, што тој го нарече обид за преврат, по што го распушти парламентот. Од тогаш, Гвинеја-Бисау нема функционално законодавно тело.

Зачлени се на нашиот е-билтен