Повеќе од осум часа гори комплекс од седум облакодери во Хонг Конг: Најмалку 36 загинати, 279 исчезнати

Катастрофален пожар зафати седум високи стамбени згради во Хонг Конг, при што животот го загубија најмалку 36 лица, а 279 жители се водат како исчезнати. Властите соопштија дека пожaрот и понатаму е активен, додека спасувачките екипи водат тежок и неизвесен бој со огнената стихија.

Пожарот избувнал во комплексот „Wang Fuk Court“ во областа Тај По, каде што живеат повеќе од 4000 жители. Комплексот се состои од осум небостржачи со најмалку 31 кат, од кои седум се целосно зафатени од огнот. Голем дел од станарите се постари лица – околу 36 проценти се над 65 години.

Најмалку 29 луѓе биле пренесени во болница, од кои седум се во критична состојба. Меѓу жртвите има и еден пожарникар. Повеќе лица останале заробени на високите катови, меѓу нив тринаесет старци и две бебиња. Во драматична спасувачка акција, пожарникарите успеале да извлечат едно бебе и една постара жена, кои веднаш добиле медицинска помош и кислородни маски.

Лидeрот на Хонг Конг, Џон Ли, свика итен состанок и ја потврди трагичната бројка на загинати. Тој соопшти дека причината за пожарот се уште се истражува и упати длабоко сочувство до семејствата на загинатите и повредените. Притоа најави дека сите погодени ќе добијат неопходна помош.

Пожарникарските екипи се соочуваат со исклучително високи температури, па дури и експлозии од внатрешноста на зградите. Паднати скелиња и горливи кршеви дополнително ги загрозуваат спасувачите. Властите упатија апел до сите кои сè уште се заробени да ги затворат вратите и прозорците, да ги забртват со леплива лента и мокри крпи и да ја известат пожарникарската служба за точната локација и бројот на станот.

Повеќе од 700 жители биле евакуирани и сместени во привремени засолништа. Многу станари изјавиле дека противпожарните аларми не се огласиле, а од терен пристигнуваат извештаи за силни пукотници, вжарени искри и пламен што пробива низ фасадите.

По класификацијата на пожарникарските служби во Хонг Конг, ова е пожар од петтата – највисока – категорија на опасност. И покрај ригорозните градежни стандарди по кои градот долго време важеше за пример во безбедноста на висококатниците, трагедијата покажува колку брзо може да се прошири огнот во густо населените урбани средини.

Причините за пожарот и потенцијалната поврзаност со втор, помал пожар кој избувнал денеска во близина на реката Тај По, сè уште се предмет на истрага. Спасувачките екипи продолжуваат со потрагата по исчезнатите, додека жителите со страв и неверување го следат најтешкиот пожар во последните години во овој мегалополис.

Зачлени се на нашиот е-билтен