Израел зазеде позиции во градот Тубас, на Западниот Брег, жителите избркани од домовите, најмалку 22 уапсени

Гувернерот на Тубас, Ахмед Ал-Асаад, за британските медиуми изјави дека израелските сили, поддржани од хеликоптери, го опкружуваат градот и воспоставуваат позиции во неколку населби

Израелските безбедносни сили (ИДФ) денеска зазедоа позиции во градот Тубас, на Западниот Брег, и им наредија на некои палестински жители да ги напуштат своите домови, што е најнов напад во повеќемесечната кампања против градовите на северниот дел од Западниот Брег.

Гувернерот на Тубас, Ахмед Ал-Асаад, за британските медиуми изјави дека израелските сили, поддржани од хеликоптери, го опкружуваат градот и воспоставуваат позиции во неколку населби.

„Се чини дека оваа инвазија ќе биде долга бидејќи израелските окупациски сили ги избркаа луѓето од нивните домови, ги окупираа покривите на зградите и вршат апсења“, рече тој.

Може да се видат израелски возила како минуваат низ градот, а војници патролираат по улиците носејќи пушки и ракетни лансери. Војници беа видени и во блискиот град Тамун.

Портпаролот на израелската Влада, Шош Бедросијан, запрашан за операцијата во Западниот Брег денеска изјави дека безбедносните сили дејствуваат за да спречат, како што рече, терористички активности.

ИДФ објави дека операцијата, спроведена со полициски и разузнавачки сили, започнала денеска рано утрината. Портпаролот на војската одби да даде дополнителни детали, велејќи дека повеќе детали ќе бидат објавени наскоро.

Ал-Асаад рече дека израелските сили им наредиле на сите оние што ги принудиле да ги напуштат своите домови да не се враќаат во нив додека не заврши операцијата, која се очекува да трае неколку дена.

„Тие продолжуваат да ја комплетираат контролата врз градот“, изјави тој подоцна, додека израелските сили поставија барикади и досега приведоа најмалку 22 Палестинци.

На Западниот Брег живеат 2,7 милиони Палестинци кои имаат ограничена самоуправа под израелска воена окупација. Стотици илјади Израелци имигрираа и се населиле таму.

Денешниот напад е продолжение на воените операции што израелските сили ги започнаа оваа година во делови од северниот дел на Западниот Брег, почнувајќи со Џенин во јануари, само неколку дена откако американскиот претседател Трамп пристигна во Белата куќа по втор пат.

Илјадници Палестинци беа принудени да ги напуштат своите домови, а израелските сили ги расчистуваат бегалските кампови, одржувајќи го своето најдолго присуство во некои градови на Западниот Брег во последните децении.

Хјуман рајтс воч овој месец го обвини Израел за воени злосторства и злосторства против човештвото за она што го нарече присилни протерувања. Израел негира дека извршил такви злосторства.

Во последните месеци, насилството од страна на доселениците врз Палестинците на Западниот Брег, исто така, ескалираше. Доселениците ретко се апсат или гонат, иако бранот напади предизвика критики од премиерот Бенјамин Нетанјаху.

Хамас, кој минатиот месец се согласи на примирје со Израел во Газа, ја осуди последната операција на Западниот Брег, повикувајќи ја меѓународната заедница да интервенира за да ја спречи.

Зачлени се на нашиот е-билтен