Чешката популистичка партија АНО денеска го предложи десничарскиот евроскептик Филип Турек, кој беше критикуван за јавно користење на нацистичкиот поздрав, за министер во новата влада на мандатарот Андриј Бабиш.
Кандидатурата на Турек ги комплицира напорите за формирање на новата влада на Бабиш, кој беше победник на парламентарните избори минатиот месец, јавуваат британските медиуми.
Бабиш се стреми да формира влада со крајно десничарската, анти-ЕУ и проруска партија СПД и десничарската евроскептична партија „Мотористи“.
Бабиш денеска му го предаде списокот на кандидати на чешкиот претседател Петр Павел, на кој се наоѓа и Турек, велејќи дека нацистичкиот поздрав и прикажувањето на нацистички симболи се „одраз на лошо чувство за хумор“, а не на никаква склоност кон нацизам или расизам.
„Претседателот повтори дека не отстапува од своето противење на кандидатурата на Филип Турек за член на идната влада“, соопшти канцеларијата на претседателот Петр Павел.
Павел, проевропски либерал кој силно ја поддржува Украина, не даде дополнителни објаснувања за своите забелешки, но претходно рече дека Турек не треба да држи владина функција ако неговите претходни коментари биле искрени.
Бабиш, кој беше премиер од 2017 до 2021 година и се надева дека ќе формира влада до средината на декември, објави дека ќе ги разговара забелешките на Павел со претседателот на партијата „Мотористи“, Петер Мацинка. Бабиш тврди дека забелешките се предизвикани од неодредени правни причини.

