Деновиве излезе од печат 87-та книга во рамките на едицијата „Филозофија“ на издавачката куќа „Аз-Буки“, изданието „Континуитет наспроти дисконтинуитет(и): Епистемологијата на Гадамер и Фуко“ во авторство на Тијана Петковска. Книгата го збогатува македонскиот филозофски регал со важен авторски придонес, кој има централно место во мисијата на издаваштвото „Аз-Буки“, како што е декларирано во мисијата на филозофската едиција, забележана подолу.
Од воведот на Т. Петковска кон изданието „Континуитет наспроти дисконтинуитет(и)“:
„Што знам? Што разбирам? Како она што го знам станува дел од она што го разбирам? – Не постои едноставен одговор, ниту единствен пристап преку кој може да се дојде до каков било одговор на овие прашања. Дали ќе го започнам испитувањето од мојот ум, од неговите категории? Од извесноста на она што непоколебливо го земам за вистинито или од навиките кои се создадени под раководство на моите искуства? – Одговорите зависат и од местото од кое ќе се започне истражувањето. Потесната епистемолошка определба на ваквите прашања секое истражување ја започнува од субјектот кој познава, знае, разбира. Субјектот, кој е единка, индивидуа или колективитет. Субјектот во кој се прекршуваат можностите за универзални, априори знаења или чиј ум – кој познава – се кали во допирот со емпиријата. Но, како „светот“ во кој живеам – со неговата историја, јазик, правила – учествува во начинот на кој можам да знам и преку кој можам да ги разберам стварите (и самиот тој свет, неговата историја, јазик, правила)? Како она што го знаеме преоѓа во она што го знам? Дали, и како, кога ќе го пречекори тој праг, учествува во формирањето на моето разбирање? – Овие прашања се почетната точка од која започна формирањето на централниот проблем на трудот. Меѓутоа, тие секако ниту ја исцрпуваат сложената мрежа која ја формираат знаењето и разбирањето во нивниот заемен однос, ниту остануваат во оваа конечна форма до крајот на истражувањето. Односот на споменатите епистемолошки поими ги открива границите на проектот започнат во трудот. Прашањата започнуваат и завршуваат онаму каде што се пресекуваат знаењето и разбирањето со историјата и со историчноста, со јазикот и со методологијата на нивното испитување во рамките на хуманистичките науки и на филозофијата.“
***
Според издавачот, Библиотеката „Филозофија“ е замислена како простор на духовно вкрстување на филозофските меридијани. Нејзина основна преокупација е континуираната грижа сите нејзини книги да си го добијат својот заслужен регал. Сепак, таа по малку ќе навива за нашите творци и ќе го промовира нивното право на литерарен воздух. Но и покрај тоа библиотеката „Филозофија“ поседува потполна свест дека во нејзиното време се сместени сите времиња, во нејзините пазуви – стокмени се сите филозофски дисциплини, нејзините автори имаат исто универзално државјанство – таа е поглед „sub specie philosophiae“. Оттука, библиотеката „Филозофија“ е највисок облик на легитимација на свеста за овој поглед!

