Лукоил повторно прифаќа Виза картички на сите бензински станици

Виза картичките повторно целосно функционираат на сите бензински пумпи на „Лукоил Македонија“. По неколкунеделен прекин, компанијата известува дека наплатата со овие картички е вратена без ограничувања, а услугите за возачите се одвиваат нормално и без промени.

Краткиот прекин на почетокот на ноември беше директна последица на новиот бран американски санкции насочени кон руските нафтени компании „Лукоил“ и „Роснефт“. Дополнителен притисок создава и рокот до 21 ноември, кога „Лукоил Интернејшнл“ треба да ги заврши или значително да ги намали странските активности, што ја става под прашалник иднината и на македонската подружница со околу 40 бензински пумпи и над 500 вработени.

Во овој контекст, повторното вклучување на Виза-плаќањата е важен сигнал за стабилизирање на секојдневното работење. За голем дел од граѓаните, особено за оние кои службено патуваат или полнат гориво на кредит, блокирањето на картичките значеше дополнителни трошоци, чекање на готовина или преминување на други снабдувачи.

Сега, од „Лукоил Македонија“ уверуваат дека системите за наплата функционираат нормално и дека возачите можат без задршка да ги користат своите Виза картички при полнење гориво, купување во маркетите или користење на другите услуги на бензинските станици. Нема информации за воведување дополнителни лимити или посебни правила за плаќање, што е клучно за довербата на потрошувачите.

Зачлени се на нашиот е-билтен