Украина и ММФ со нова програма тешка 8,2 милијарди долари

Украина и Меѓународниот монетарен фонд постигнаа договор за нова четиригодишна програма за поддршка вредна 8,2 милијарди долари – уште една финансиска линија што треба да го одржи буџетот „на површина“ во услови на војна и долготрајна економска неизвесност. Украинската премиерка Јулија Свириденко објави дека договорот формално ќе стапи во сила откако ќе го одобри Извршниот одбор на ММФ.

Новата програма е планирана да трае четири години и, според Свириденко, ќе биде насочена кон финансирање на критичните расходи, стабилизирање на јавните финансии и одржување на макрофинансиската стабилност на земјата. Киев смета дека оваа поддршка ќе помогне и да се привлече дополнителна надворешна помош – и од другите меѓународни финансиски институции и од поединечни држави со кои Украина веќе има договори за кредити и грантови.

Свириденко напиша на Телеграм дека буџетот за 2026 година веќе е подготвен во рамката на новиот аранжман со ММФ. Тоа значи дека условите на програмата – од фискална дисциплина до структурни реформи – ќе бидат директно вградени во државните расходи и приходи уште од следната година. Украинската влада, според неа, останува обврзана да ја намалува „сивата економија“ и да продолжи со борбата против корупцијата, што е една од клучните точки на сите досегашни договори со Фондот.

Ова не е првпат Украина да се потпира на ММФ во време на криза. Во изминатите години Фондот веќе одобри повеќе програми и ревизии што отворија пат за исплата на дополнителни транши – меѓу другото и за заем од 1,1 милијарда долари договорен во 2024 година, како дел од поширока пакет-поддршка за украинската економија во војна. Новиот аранжман од 8,2 милијарди долари практично ја продолжува таа линија и испраќа сигнал до другите донатори дека Украина и понатаму има „сидро“ во ММФ.

Зачлени се на нашиот е-билтен