Ајкула уби девојка, момче се бори за живот: хорор на австралиска плажа

Девојка на возраст од околу дваесет години загина, а нејзиниот врсник се бори за живот, откако вчера на оддалечена плажа во австралиската држава Нов Јужен Велс беа нападнати од ајкула додека пливале во море. Трагедијата се случила во раните утрински часови на плажата Кајлс, во Националниот парк Кроуди Беј, околу 300 километри северно од Сиднеј, соопшти австралиската полиција.

Според првичните информации, девојката починала на местото на нападот, и покрај обидите да ѝ се помогне. Младиот маж, кој исто така е во дваесеттите години, со хеликоптер бил префрлен во болница во Њукасл и се наоѓа во критична состојба. Лекарските екипи се борат да го стабилизираат по тешките повреди нанесени од ајкулата.

Властите посебно го истакнуваат херојството на случаен минувач, кој на брегот забележал што се случува и со импровизирана подврска успеал да го запре обилното крварење од ногата на повредениот маж, пред да пристигне Итната медицинска помош. Спасувачите велат дека токму оваа брза реакција му ги зголемила шансите за преживување. „Храброста на некои луѓе во вакви ситуации е неверојатна – тоа е херојски чин кој ни даде драгоцено време да стигнеме до пациентот“, изјави претставник на службата.

Според првичната процена на експертите, нападот веројатно го извршила голема ајкула-бик. Овој вид ајкула, која може да живее и во слатка и во солена вода и да достигне должина и до 4 метри, важи за еден од најопасните за луѓето. Според Меѓународниот регистар на напади од ајкули, ајкулата-бик е третиот најсмртоносен вид во светот кога станува збор за напади врз луѓе.

Плажата Кајлс веднаш е затворена, а во водата се поставени специјални мамки со куки за да се привлече ајкулата, да се обележи и да се врати во морето, со цел да се следи нејзиното движење. Спасувачката служба најави дека и блиските плажи ќе бидат затворени најмалку 24 часа, додека над областа летаат беспилотни летала за дополнителен надзор.

„Ова е ужасна трагедија и упатуваме најдлабоко сочувство до семејството на жената која го загуби животот“, изјави извршниот директор на Службата за спасување, Стив Пирс, повикувајќи ги граѓаните строго да ги почитуваат упатствата на спасувачите и да останат надвор од водата додека мерките се на сила.

Нападот се надоврзува на загрижувачкиот тренд во Австралија. Ова е веќе петти фатален напад од ајкула во земјата годинава. Пред помалку од три месеци, човек беше убиен во редок напад на ајкула на северните плажи на Сиднеј. Статистиката покажува дека во 2024 година имало 13 нефатални напади, во 2023 година – четири смртни случаи, а во 2020 година дури седум фатални напади.

Професорот Чарли Хувенирс, директор на Конзорциумот за морски и крајбрежни истражувања при Универзитетот Флиндерс, вели дека генерално во последните две децении се забележува пораст на каснувањата од ајкули низ Австралија. Причините ги поврзува со зголеменото човечко присуство на плажите, промените во миграцијата на ајкулите и климатските промени кои влијаат врз морските екосистеми.

Зачлени се на нашиот е-билтен